Инспириран од Џексон Полок и Хуан Миро

Изложба на дела на oсуден убиец во Лондон

Нова изложба се состои од дела на Дони Џонсон, кој лежи во озлогласен затвор во северна Калифорнија и слика со четка направена од неговата коса. Таа ќе се отвори истовремено со премиерата на документарен филм за неговиот живот. 

Четката е направена од неговата коса. Наместо сликарски бои користи пигменти од бомбончиња М&M. Неговото „платно“ се позадините на искористени честитки, а атељето е затвореничка ќелија. 

Станува збор за Дони Џонсон, осуден на доживотен затвор во Калифорнија, по убиство кое го извршил во караница за дрога во 1980-тите, кога бил тинејџер. Неговата приказна е искористена за филм, „Сликано со мојата коса“, кој ќе биде премиерно прикажан кон крајот на месецот. Истовремено, во Риверсајд студиос во Лондон ќе бидат изложени неговите дела.

Малиот Дони живеел во семејство во кое владеело насилство. Самиот станал агресивен и почнал да користи дрога. По убиството во кое учествувал тој и уште две момчиња, полицијата барала тие да се изјаснат кој точно го извршил убиството. Тројцата одлучиле да фрлат паричка и оној што ќе загуби да признае. Тоа бил Дони.

Откако бил осуден на 15 години, ситуацијата се влошила кога во 1989 учествувал во затворска тепачка со член на радикално десничарското Ариевско братство. Во текот на конфронтацијата затворскиот чувар пукал и го повредил членот на бандата. Неговите другари, прогласувајќи го Дони за виновен за инцидентот, од него побарале да се искупи со тоа што ќе убие чувар. Тоа и го сторил, и бил осуден на дополнителни 18 години. 

Следела самица во озлогласениот затвор Пеликан Беј во Калифорнија. Тој се заснова на „паноптички“ дизајн на Џереми Бетам, филозофот од 18 век, што значи дека затворениците во секое време можат да бидат набљудувани од секој агол. Речиси две децении Дони немал контакт со други луѓе, а мајка му го посетувала стоејќи зад заштитно стакло. 

Во 2002 њујоршкиот психотерапевт и писател Стив Курц го прочитал профилот на Дони на список затвореници кои бараат „непознато другарче“ за допишување, го контактирал и го охрабрил да слика. Пристапот до сликарски материјали му бил забранет, но тој се послужил со прехранбена боја со која биле обоени бонбончиња кои се продавале во затворската кантина, а како четка искористил влакна од косата - идеја што претходно му ја дал друг затвореник кога му барал дел од репчето за истата цел. 

„Ги обожавам Полок и Миро - Миро е толку игрив и животен...Го сакам и Ван Гог и се поврзувам со неговиот статус на аутсајдер...Можам да го почувствувам неговиот азил во мојата ќелија“.

Еден од пријателите на Курц, режисерот Мајк Диб, бил фасциниран од приказната на Џонсон и му се обратил со предлог за филм. Во него гласот на Дони е на актерот Стенли Тучи. Според режисерот, неговата приказна е инспиративен пример за отпорноста на еден човек и можноста за лична трансформација, и покрај суровиот затворски систем.

Следната можност за ослободување на Дони е во декември. Во меѓувреме то пишува и слика, како што тој вели, со својата ДНК, содржана во четката.  

6 октомври 2021 - 19:10