„Играј со мене до крајот на љубовта“: танцовата претстава која Коен не ја дочека

Легендарниот музичар дал благослов за претстава која ги содржи неговите најпознати песни, но починал пред воопшто да почнат пробите. Правена од три кореографи, таа ја отсликува контрадикторноста вградена во нив, како во онаа насловната - сладок љубовен валцер, кој е последен. 

Претставата правена по музика на Коен е на канадската танцова трупа Балетс Џез од Монтреал. Коен го има дадено својот благослов за шоуто кое користи негова музика, а се согласил и со изборот на специфични снимки. Но неговата смрт во ноември 2016, на возраст од 82 години, се случила пред воопшто да почнат пробите. 

Тоа дека самиот Коен требало да биде присутен на премиерата за играчите претставувало истовремено и мотивација уште од првото стапнување на сцената - одговорност да го претставуваат неговото творештво, кое е дел од канадското културно наследство, особено кога него веќе го немало. 

Претставата наречена „Играј со мене“ е на турнеја уште од 2017, а од 7-11 февруари ќе биде прикажувана во Лондон. Во 2021 во трупата дошла нова директорка, која имала сомневања околу тоа зошто би бил потребен балет, макар и современ, како придружба на музиката на Коен која беспрекорно функционира сама по себе. Но откако ја погледнала претставата се предомислила, нарекувајќи ја „поетичен омаж“, создаден од три кореографи: Белгијката Анабел Лопез Очоа, грчкиот кореограф Андонис Фониадакис и Британката базирана во Швајцарија, Исан Рустем. Секој од нив има различни стилови, иако во конечната верзија не може точно да се каже кој што создал. Некои се фокусирале на стиховите, доаѓајќи на проби со цели тетратки испишани со нив, додека други се фокусирале на метафорите и симболиката. 

И покрај 180-те изведби до сега, играчите велат дека се уште се ежат слушајќи слушајќи ги песните, понекогаш играјќи според тонот на Коеновиот глас, а понекогаш едноставно тонејќи во приказната на песните. 

1 февруари 2023 - 08:10