И вие ставате титл кога гледате филмови и серии?

Прво мислевме дека е нешто до нашиот слух и концентрација. После испадна дека многумина кои знаат доволно англиски сепак ставаат титл на филмови и серии. Што е проблемот?

„Дијалогот на телевизија никогаш не бил толку неразбирлив. Има ли нешто што може да го направиме, освен да пуштиме титл?“

Вака почнува текст на коментатор на сајтот AVClub, кој укажува на нешто што одамна сме го почувствувале на своја кожа, но не сме биле свесни дека е глобален проблем. Во последната деценија подемот на стриминг технологијата довела до бум на употреба на титлови. Според неодамнешна студија, дури 50% од ТВ гледачите користат титлови на јазик којшто го разбираат, а 55% од испитаните сметаат дека дијалогот на ТВ не се дослушува. Демографската група која најчесто ги користи е тн. Генерација „З“ („зумери“) односно родени од крајот на 1990-тите до раните 2010-ти, што значи пораснати со интернет и компјутери. 

Според спомнатата анализа, коренот на проблемот не е во ушите на „зумерите“ туку во аудиото на филмовите и сериите, кои вклучуваат гласна музичка позадина, експлозивни звучни ефекти кои го надгласуваат дијалогот. Освен тоа, сите мрежи имаат различни аудио нивоа и специфики, кои човек треба да ги знае за да ги слуша асално сериите на ХБО, Нетфликс или Хулу. Иако и тоа не значи дека ќе помогне бидејќи звучниот микс претходно минува низ повеќе фази пред да стигне до нашите домашни апарати, кои не се секогаш толку совршени кога станува збор за репродукција на звук. 

Дури и со сета расположива технологија, дијалогот никогаш не бил толку некохерентен. Најголемите пофалби одат за Нетфликс кој според познавачите има најдобар звук, па дури ги има објавено своите аудио специфики. Но ова е исклучок - стриминг сервисот има вложено многу пари во воспоставување сопствени стандарди. Други стриминг платформи на своите аудио инженери им испраќаат 200 страници со бројки кои треба да бидат изанализирани за да не се прекрши некое правило. Па дури и сето тоа да се почитува, на крајот се случува самиот режисер на филмот да се јави и да изреагира фрустриран од квалитетот на снимката, дека тоа воопшто не звучи како неговиот филм.

Звучните проблеми кои макар и несвесно ги сведочиме денес се резултат на децении негрижа за значењето на јасното аудио во продукциите. Популарноста на снимањето на локации ја стандардизирала употребата на радио микрофони во 1990-тите и 2000-тите, но и го зголемила интензитетот на звуците кои тешко се едитираат, како на пример шушкање на облека. Друг проблем се однесува на актерите - во раните денови на киното актерите биле обучени за театарски улоги и автоматски се вртеле кон „публиката“ односно во случајов кон микрофонот, свесни дека нивниот глас треба да допре до одредена точка. Но мрморење и тивко зборување на сцена и на филм не е исто, па доколку актерите не поминат низ доволно проби за да го приспособат тонот на гласот и во такви ситуации, на екранот тивкото зборување ќе се претвори во неразговетно отворање и затворање уста.

Јачината на звукот е причина за тековна војна не само помеѓу аудио инженерите, туку и на ниво на држава. Во 2010 Федералната комисија за комуникации на САД го прифатила законот за ограничување на гласноста на комерцијалните програми. Но наместо да ја намалат јачина на рекламите, ТВ станиците просто го засилиле звукот на телевизиските шоу програми. Така, вревата само се зголемува, а неразбирливиот дијалог (или монолог) станува сè понеразбирлив.  

11 ноември 2022 - 08:25