За цивилизација во која ништо нема да боли

Нели ви доаѓа кнедла во грло кога лавица ќе ѝ се з'гне на некоја млада и нејака антилопа, и ќе ја направи стек додека си рекол „природна селекција"? Светот би бил поубаво место за живеење, ако традиционалната поделба на ловец и жртва едноставо се укине, велат радикалните екоинженери.

Британскиот филозоф Дејвид Пирс не може да замисли иднина во која животните и понатаму се заглавени во бесконечниот а слеп дарвинистички циклус на „или ќе јадеш или ќе го јадеш". Тој вели дека ние, со нашите умови, технологии и чувство за милосрдие, сме оние кои треба да направат нешто во врска со ова. А „ова" не е ни повеќе ни помалку туку елиминација на сето страдање на планетава.

Проектот е наречен „Хедонистички императив" и се состои во употреба на генетски инженеринг и нанотехнологија кои треба да создадат сосема поинаква невролошка „архитектура" (кај човекот и кај животните) дизајнирана така да нè програмира да чувствуваме благосостојба од раѓање.

„Пред двеста години моќните синтетички седативи и анестетици не биле познати. Идејата дека физичката болка би можела да биде протерана од животите на повеќето луѓе изгледала апсурдна. Дека истото може да се направи и со психолошката болка во моментов,  ако тоа стане прашање на општествена политика и етички избор", се вели на сајтот на проектот.

Некои ова го нарекуваат „добродушно лудило" на еден футурист. Но Дејвид Пирс тврди дека оваа идеја всушност има корени во минатото - Буда, Исус, сите промовирале свет без страдање, во кој „лавот мирно ќе легне покрај јагнето". Иако неговата филозофија нема голема врска со религијата, етиката е слична - користење на биотехнологија за да се преформатира нашиот генетски код така за живите суштества, на општо задоволство, да си помагаат, а не да си штетат едни на други.

Ако питонот кој убива дете не е морално виновен, затоа што нема моќ за емпатија и капацитет да ги разбере сите импликации на она што го прави, за човек кој само седи од страна и ја набљудува сцената без да реагира е исто како и самиот да го убил детето, вели Пирс. Со моќта доаѓа и одговорноста, и потенцијалното соучесништво во ваквите злосторства. Тоа не значи дека човекот е, или треба да си игра Бог, туку едноставно да направи сè што е во неговата моќ да излезе во пресрет на една очигледна вистина - дека оската „задоволство-болка" е универзална за сиот живот на планетата, и дека желбата на едно уплашено бебе или на една антилопа во бегство е единствена, да се извлечат неповредени од некоја опасна ситуација.

На забелешките дека истребувањето на предаторите би го нарушило екосистемот, Пирс одговара дека истиот ефект би можел да се постигне со невро-чипови, GPS следење и куп друга висока технологија која би овозможила контрола врз она што се случува во екосистемот, а со чија помош би се превенирале несреќи. На менито на лавовите би имало генетски модифицирано месо со вкус на „мачешка трева", а тигрите би се навикнале на мешана салата, и не е точно дека со тоа тие би престанале да бидат „вистински" лавови или тигри, бидејќи и човекот во текот на својата еволуција доживеал бројни промени кои сепак не го измениле фактот дека тој останал Homo Sapiens.

2 август 2014 - 10:40