И да имаш милиони следбеници, не значи дека ќе ти ја купуваат книгата

Типичното „логично“ размислување е дека популарноста на еден медиум директно се преведува во популарност на друг. Но бројот на следбеници на социјалните медиуми можеби помагаат да се потпишат договори за книги, но не и тие да се продадат во очекуваниот број.

Во свет во којшто изгледа дека сè се врти околу местото на музичарите, актерите или писателите на скалилото на популарноста на социјалните мрежи, објавување на книга на Били Ајлиш би изгледало како добар облог. Една од најголемите поп-ѕвезди во светот, Ајлиш има 97 милиони следбеници на Инстаграм и уште 6 милиони на Твитер. Дури и мал процент од нив да ја купат книгата, таа би била хит.

Но мемоарот кој го носи нејзиното име се продаде во само 64.000 примероци откако е излезен во мај оваа година, што и не би било лошо, доколку не се земе предвид какви пари (однапред) има земено Ајлиш за книгата. Таа го чини издавачот нешто над 1 милион долари!

Секогаш е тешко да се предвиди која книга ќе биде хит - секоја од нив е индивидуално дело, не е како конзерва доматен сос кој има горе-долу ист вкус и квалитет. Оттаму, кога издавачката индустрија се обидува да предвиди што ќе се бара а што не, речиси како да гледа во гравчиња. Има многу малку метрики кои се за верување, па излегува дека бројот на следбеници на социјалните медиуми станува еден од главните елементи на кој се потпираат издавачите.

Ова може да влијае на тоа кој ќе потпише договор и колкав хонорар ќе му биде исплатен однапред, особено кога станува збор за нешто што не е белетристика. Но и покрај важноста на бројките, издавачите полека сфаќаат дека тие не се никаква гаранција.

Поважно од бројката на следбеници, важно е дали авторот или авторката имаат свое шоу, подкаст, популарен блог, каков и да е начин за комуникација со својата публика која не се сведува на еднонасочно информирање. Содржината на она што се емитува би требало да го обезбеди потребниот контекст во којшто ќе се појави одредена книга, која нема да биде доживеана како нешто странично и направено само за пари, туку како дел од целата приказна. 

На пример, книгата на Џастин Тимберлејк „Во ретроспектива“ била откупена за 1 милион долари но откако излезе во 2018 Тимберлејк имал проблеми со гласните жици и не можел да ја промовира како што било планирано. Од неговите 53 милиони следбеници на Инстаграм и веројатно уште поголем број обожаватели, само 100.000 ја купиле книгата, што секако било многу под очекувањата на издавачот.

Водителот Пирс Морган исто така има милиони следбеници на социјалните мрежи, па сепак неговата книга „Разбуди се: зошто светот полудува“ се продала во само 5.650 копии откако е објавена пред една година во САД (во Велика Британија продажбата е многу подобра, 190.000 копии, но сепак и ова не е кој знае што). 

Вакви примери има многу. Тешко е да се процени што се случува. Понекогаш е поради гореспоменатиот јаз помеѓу она што авторите го постираат на социјалните мрежи и темата на нивните книги, која ако е само повторување на минати муабети се смета за веќе надмината. Можеби авторот недоволно ја притискал својата „база“ да ја купи книгата, или пак самите следбеници се тука за сеир но не и за активна поддршка на својот миленик.

На крај, можеби и книгата не е кој знае што. Социјалните медиуми се само мал дел од тоа како ќе помине едно дело на „инфлуенсер“ или славна личност, а книгата сепак треба да има доволно квалитетна содржина за неа да ја препознае дури и она што се нарекува „просечен“ читател.

Издавачите, освен ангажирање искусни уредници кои и од ништо можат да направат нешто, сега во договорите вклучуваат клаузули дека авторите навистина ќе поведат сметка книгата да биде рекламирана, а не само да ја продадат на издавачот и со тоа да ја завршат работата. 

извор

16 декември 2021 - 08:18