Хелиогабал: малку познатиот римски император кому Калигула можел вода да му носи

За оние кои уживаат во приказните за блуд и разврат во стариот Рим: запознајте го лудиот император за кого Калигура и Нерон се мали деца. Во четирите години додека бил на власт го викале и „женско петле“ и „силувач на девици“ и „Тибериски“ затоа што, откако му го распарчиле, телото му го фрлиле во реката Тибар. Име му е Хелиогабал.  

По редот на нештата, Хелиобагал никогаш не требало да владее. Доспеал на тронот вo 218-тата, на свои 14 години, и тоа во режија на женското лоби на династијата Северан, непосредно по убиството на претходниот цар. Секако, тој му бил роднина на покојникот, но жените разгласиле дека му е всушност вонбрачен син, па така му го зацврстиле правото над царството наспроти тенденциите на ривалите надвор од семејството. Ова „преувеличување“ му помогнало да придобие некои легии кои пак му донеле победа во граѓанската војна што траела релативно кратко.
 
Северанките се надевале дека овој тинејџ-владетел ќе им се најде во политичките играрии, но ја потцениле неговата способност да ги изнервира сите засегнати. При изборот на дворски советници, на пример, се водел пред сè од големината на машкиот полов орган. Тоа му донело предност на еден Зотик, син на готвач од Смирна, кој набрзо пак бил засенет од Хиерокле кој освен со „алатот“ се служел и со умот. Хиерокле го дрогирал Зотик со афродизијак, што значително ги ускратило капацитетите на вториов да работи во интересите на императорот. По ова Хелиогабал толку се заљубил во Хиерокле што двајцата практично живееле во некој вид истополов брак, а освен што сакал да го постави за свој заменик, барал и да биде тепан од него, секогаш кога ќе биде фатен „на дело“ со друг маж - како знак на својата пасивна сопружничка улога. 

Зависноста на императорот од ексцентричен луксуз го тресела Рим колку и неговиот љубовен живот. Ако ве поканел на вечера, подобро било ич да не одите. На гостите понекогаш им сервирал восочни модели од храната или само слики од неа, додека тој уживал во „правата ствар“. Или би ве поканил на банкет каде секое јадење се состоело од само една состојка, на пример фазан, или сите оброци би биле еднобојни. Вистинската храна понекогаш била помешана со предмети што не се јадат: леќата и гравот ги „зачинувал“ со драги камења. Околу масата, на ужас на гостите, се врткале ѕверови или пак вечерата би се состоела од 22 јадења, при што гостите морале да имаат секс помеѓу секој оброк. Се раскажувало дека на една вечера ги удавил гостите со цветни ливчиња испуштени од тајни настрешници, приказна што е инспирација за слика на сер Лоренс Алмда-Тадем oд 1888, „Розите на Хелиогабал“. 

Меѓутоа, најлош од сè за Римјаните бил неговиот однос кон верата. Хелиогабал поттекнувал од кралско семејство од градот Емес во Сирија, кое било особено посветено на богот на тоа место, Елагабал. Култен предмет во овој систем на верување бил црниот камен, кој Хелиогабал го поставил во големиот храм во Рим. Дополнително го скандализирал градот обидувајќи се неговите традиционални богови, вклучително и врховниот Јупитер, да ги подреди на овој источен дојденец. Можеби во сличен дух, Хелиогабал го прекршил екстремното табу и се оженил со весталка. Тоа бил еден од четирите брака што ги склопил во текот на своето четиригодишно владеење. 

Приказните за давењето со цветни ливчиња и опседнатоста со големите фалуси се забавни, но колку се вистинити?  Еден од најсочните извештаи, Августовата историја од четвртиот век, во најголем дел е креативна фикција. Последниве години академска мода е Хелиогабал да се третира со краен скептицизам. Авторот на новата биографија, Хари Сајдботом, историски романописец и љубител на оксфордовска класика, се противи на овој тренд.

Неговиот приказ, што комбинира призмена научна строгост со многу забавни преданија, критикува бројни идеи одомаќени во академските кругови. На пример, тој ја порекнува идејата дека римските владетели намерно креирале непријателски расположен наратив за Хелиогабал, наратив кој потем само го репродуцирале современите историски писатели. Тој исто така тврди и дека само затоа што извештаите за постапките на императорот го содржат призвукот на времето и карактерот на оние кои за него сведочат, не значи нужно дека тие се лажни. Тој ги анализира изворите воопштено, но сепак на форензички начин. Некој би можел и да не се согласува со дел од изнесените судови, но неговиот општ пристап има смисла. 

Извештајот на Сајдботом за животот на Хелиогабал нуди многу повеќе од само приказни кои ги подгреваат страстите околу развратот меѓу римските императори. Тој ја користи кариерата на Хелогабал за да истражи низа историски прашања: улогата и ингеренциите на владетелот, како Римјанките вршеле политичко влијание, природата на верскиот екстремизам во тоа време и дали во стариот Рим постоел расизам. На сите овие теми, Сајдботом е освежувачки независен и аргументира ригорозно и јасно. Новата биографија за Хелиогабал би требало да направи повеќе да се заинтересираме за Хелиогабал, и не само поради дивјаштвото од вечерите што ги организирал.  

извор

14 ноември 2022 - 15:21