Граду мој их, ја ти пишувам стих

Градоначалничка поезија

Мајкл Блумберг, „таткото“ на Њујорк, пред некое време се проба во областа на поезијата. Повод: Националниот ден на џепна поезија. Резултат: очаен.

Песната со наслов „50,5 милиони не можат да грешат" го промовира градот како туристичка дестинација. И сето тоа е во ред. Но иако никој не очекува од градоначалник да биде добар колку еден Струшки венцоносец, очекуваме тој да има поетски советник или барем надарен за поезија во канцеларија. Песната отприлика иде вака:

Еј, дечки! Женска! Слушна?
Денес е Ден на џепна поезија
Луѓето се радуваат...
викаат...паѓаат на колена
Каде е најдобро
да се прослави оваа работа?
Раскрсницата на светот -
Тајмс Сквер
Историско место на многу приказни
И на Новогодишна ноќ
доаѓаат од цел свет, нè посетуваат
минатата година 50,5 милиони
Очекувајќи да го видат сето она што го замислувале
(...)
Имај фантастичен ден во Њујорк
излези во градот -
има толку да се прави!

Од Њујорк Дејли Њус ја замолиле добитничката на Пулицер за поезија Трејси К. Смит да ја оцени песната на градоначалникот. Таа љубезно го изразила „задоволството од римата" и од секојдневниот јазик на песната, како и од фактот што Блумберг создал „автентично чувство за местото", прогласувајќи го делото за љубовна песна за Њујорк.

Што па ние да сме поназад од Њујорк во саморекламирањето? Предлог: една од точките во мандатот на секој градоначалник да биде пишување песна за нивната општина, која децата ќе мора да ја учат наизуст. Да видите после како ќе внимаваат нивните родители за кого ќе гласаат на следните избори. Плус, иди најди рима за Скопје двеилјадиичетиринаесет.

 

14 мај 2012 - 15:22