„Госпоѓица Маркс“ - нов филм за најмладата ќерка на Маркс

Била активистка, преведувачка, феминистка. Од друга страна не можела да се извлече од нешто што денес би го нарекле „токсична врска“ и трагично завршила. На Еленор Маркс ѝ е посветен нов филм кој се прикажува на тековниот Венецијански филмски фестивал.

Oд 2-12 септември во Венеција се одржува првиот голем филмски фестивал во живо од почетокот на пандемијата. Голем број маски на црвениот тепих, придружено со постојани мерења на температурата и дистанцирани аудиториуми. Со оглед на одложувањето на значаен број холивудски проекти, помалите, независни филмови добиваат можност да блеснат во вистинската светлина.

Доминантни теми на фестивалот оваа година се родовоста, феминизмот и еднаквоста, со тоа што половина од филмовите кои се натпреваруваат за награди се режирани од жени. Засега најголемо внимание предизвикуваат два од нив - дебитантскиот „Една ноќ во Мајами“ на актерката Реџина Кинг, кој е истовремено и првиот режиран од Афро-Американка во фестивалската историја. И вториот, историска драма за најмладата ќерка на Карл Маркс, Еленор, на италијанската режисерка СузанаНикарели.

Историската драма е приказ на животот на иновативната британска социјална активистка и борец за женски права, која истовремено е и авторка на првиот превод на „Мадам Бовари“ на Флобер на англиски и уште 13 други книжевни дела, меѓу кои и оние на Хенрик Ибзен. Но и покрај ваквата биографија на овој лик, режиерката ги акцентира помрачните страни на животот на госпоѓица Маркс, која со години го толерирала својот партнер Едвард Авелинг (инаку биолог и приврзаник на Дарвин), кој ја изневерувал, ѝ ги проневерувал парите и генерално ја понижувал. Фокусот е на јазот помеѓу јавниот и приватниот лик на оваа жена. Поентата е во прашањето - зошто и како човечките суштества можат да бидат толку елоквентни и интелигентни од една страна, а толку ранливи од друга. Во случајот со Еленор овој контраст е навистина голем - кога открила дека Едвард тајно се оженил со млада актерка се отрула со цијанид на возраст од само 43 години. Нејзината смрт е регистрирана како „самоубиство во состојба на привремено лудило“.

Интересно за филмот е што и покрај неговата историска одреденост (Еленор се родила 1855 а умрела 1898) саундтракот е панк-рок, за да се постигне поголема динамичност, а и да се поврзат антикапиталистичките ставови на Маркс со она што се случувало во текот на 20 век.

9 септември 2020 - 18:04