Букбокс гледаше

„мајка!“ (2017)

Веројатно најдобриот опис на „мајка!“ има дадено Кол Нидхем, основач и извршен директор на IMDb: „Ова е како Шредингеров филм. Во кутијата има дело кое е истовремено и многу добро и многу лошо“. Работата е да се осмелиш да ја отвориш кутијата и да процениш со свои очи.

Најпрвин, за оние кои однапред ќе одлучат да го прескокнат овој филм само врз основа на неговата жанровска класификација, затоа што “не гледаат хорори“. „мајка!“ (извичникот е намерен, за да го долови духот на филмот) не е хорор во класичната смисла на зборот. Всушност, ова не е ништо во класичната смисла на зборот. Кој и да е збор. Маж, жена, љубов, вера, страв, смисла. Како во лош сон, сите нешта се прикажани во нивните карикатурално ужасни пропорции, потоа искасапени на делови, проголтани, па исплукани. И ова не е метафора. А истовремено е.

На ниво на нарација, „мајка!“ е прилично едноставен: Тој (Хавиер Бардем) и таа (со мало т, исто како што е и мало м-то во насловот, ја игра Џенифер Лоренс), живеат во изолирана, стара куќа, која таа ја има изградено буквално од пепел, поради претходен пожар кој ја уништил речиси до темел. Тој е славен писател, но во моментот фрустриран што не може да напише ниту ред. Таа му е крајно посветена, и нему, и на домот. Целата атмосфера се менува кога туѓинец ќе затропа на нивната врата, наскоро повлекувајќи ја и жена си, синовите, пријателите. Тој сето ова го дозволува, поттикнат од ласкањата на гостите и желбата за комуникација и промена, додека таа е крајно вознемирена. Некаде по средината на филмот почнува да се насетува хаосот кој ќе следи. Сепак, климаксот е поужасен отколку што се претпоставува, и многукратно ја надминува колоквијалната употреба на терминот „апокалипса“ за обичен неред во кујната.

Ако не го прекинете филмот на ова место (препорака: немојте, барем скокајте), тогаш крајот ќе ве награди, со сознание што всушност (и што побогу) сте гледале. Мрачна хроника на машко-женските односи, чија стереотипна шема се повторува од кога постои светот и векот, во која мажјакот е суетен Создател, а жената смерна домаќинка, со чија љубов успева да се одржи дом, граден среде пустелијата на постоењето, како засолниште од злото. Филм за старозаветниот нарцисоиден Бог, кој црпи инспирација за своето создавање од страдањето на другите, вклучително и од она на сопствената жена/мајка, која е вистинскиот Креатор. Остра критика (поостра не може) на современото општество на духовни канибали, кои лицемерно бараат исцелување додека самите поганат сè што е убаво и добро. Филм за Мајката Земја наспроти нејзините уништувачи, која е нашиот ранлив дом полн љубов за сите, кој крвари и гори после секој наш престап. Уште колку пати циклусот на апокалипси и повторно создавање ќе биде возможен? Уште колку време ќе чука срцето во студените ѕидови, додека човештвото ги јаде своите деца?

Хавиер Бардем и Џенифер Лоренс се необичен пар за ваков филм, одбрани веројатно како контра на сите латино-љубовник/холивудска ѕвезда очекувања. Дали ќе беа подобри Том Хидлстоун и Рут Вилсон, на пример? Или Џони Деп и Рејчел Вајс? Можеби изборот на Лоренс паднал заради нејзиниот ренесансен богородичен лик, во контрапункт со темниот тен на Бардем? Или, поприземно, затоа што Аронофски и таа пред снимањето на филмот раскинаа, а потоа во текот на работата наводно повторно се зближија, поттикнувајќи муабети дека целата приказна во него е, меѓу другото, и метафора за нивните односи. За разлика од нив Ед Харис и Мишел Фајфер во епизодните улоги се незаменливи. 

„Една ѕвездичка за Аронофски агностикот, четири ѕвездички за Аронофски верникот“ - вака напиша Торонто глоуб и мејл, отсликувајќи ја дебатата околу филмот кој предизвика најголеми контроверзи изминатава година. Ако сте биле фанови на неговите „Реквием за еден сон“, „Пи“ или „Црниот лебед“, овој морате да го погледнете како продолжение на неговите лудила. Ако пак не сте подготвени да ја завршите годината со горчлив вкус во устата, кој потоа ќе треба уште долго да го плакнете со „жолта“, прескокнете го. А од ќумурот на изминатата година, обидете се да составите дијамант, кој е само алотропска модификација на истиот тој јагленород. Ashes to diamonds, dust to dust.

Илина Ј.

25 декември 2017 - 10:08