Букбокс гледаше: „Човекот што си ја продаде кожата“ (2020)

На моменти филмот кој во 2021 беше номиниран за Оскар делува како пародија, на други како сатира или протест. Впечатокот е дека од приказната можело да се извлече повеќе драматичност и убедливост. Но без оглед на ова, метафорите и критиката се очигледни - луѓето од „третиот свет“ и буквално ја продаваат својата кожа во потрага по подобар живот.

Во 2012 туниската режисерка Каотер Бен Ханија во Лувр видела „живa“ слика  која ѝ оставила голем впечаток. Тим, поранешен сопственик на тату студио од Цирих бил изложен како човечко уметничко дело на белгискиот уметник Вим Делвој, кој го исцртал неговиот грб во 2008. Долж ’рбетот била нацртана Богородица, а по остатокот на грбот и вратот различни суштества и черепи. Ова „уметничко дело“ било продадено на германскиот колекционер Рик Рајнкинг за 150.000 евра, од што неговиот буквален носител добил една третина. Кога Тим ќе почине, неговата кожа ќе биде отстранета и сочувана како платно. До тогаш, како дел од договорот, Тим се согласува да биде изложуван во галерии три пати годишно. 

Оваа вистинска приказна така станала инспирација за тунискиот „Човекот кој си ја продаде кожата“, кој минатата година влезе во најтесниот избор за Оскар за меѓународен филм. Главниот лик, Сириецот Сем Али, е заљубен во преубава девојка од високата класа, чии родители сакаат да ја омажат за сириски дипломат во Брисел. Али во еден момент завршува во притвор поради непромислена изјава, од каде бега во Бејрут. Еден од начините на кои бегалците преживуваат е непоканети да  одат на отворање на галериски изложби, и да си ги полнат стомаците и ранците од шведската маса. Тука Сем го среќава светски познатиот уметник Џефри Годфрој. Овој му нуди мефистофеловска размена - Шенген виза во замена за плоштината на грбот на Сем, кој станува платно за цртеж на истата таа виза. Од тој момент натаму тој е врзан со договор, кој подразбира да стане галериски артефакт, и да биде изложуван помеѓу делата на старите европски мајстори, на потсмев од сопствените собраќа-бегалци.

Во меѓувреме излегува дека дури ни ваквата жртва не помага Али повторно да се спои со својата сакана. Неговата мајка го теши - дека треба да е среќен што не живее во некаков камп за бегалци или под постојано бомбардирање. Неговиот гнев е видлив но сепак припитомен од ветувањата и можноста еден ден да се интегрира во новата средина. 

На моменти филмот делува како пародија, на други како сатира или социјална критика. Впечатокот е дека од приказната можело да се извлече повеќе драматичност и убедливост. Но без оглед на ова, метафорите и критиката се очигледни. Продавањето на кожата на луѓето од „третиот свет“ не е симболично туку буквално, но дури ни тоа не обезбедува подобар живот. Во еден момент филмот изгледа дека завршува со моќен крај, за веднаш потоа тој да се промени, повторно сведувајќи го на политичка коректност и хепи енд. Можеби најдобриот совет е тој да се прекине пет минути пред вистинското финале и на тој начин да се остане со порадикално чувство за неговата идеја.

Илина, Букбокс 

3 јули 2022 - 12:34