„Гласот на господарот“: чудната приказна зад едно препознатливо лого

Кученцето кое стои пред фонограф е славен заштитен знак и лого на компанијата за производство на плочи RCA Victor. Истото, само како бронзена статуа и со грамофон се дава од страна на дискографската куќа ЕМИ на музичари или продуценти како награда по продадени повеќе од 100.000 плочи. Но приказната зад оригиналната слика е малку позната.

„Гласот на неговиот господар“ е слика од крајот на 19 век на англискиот уметник Франсис Барод (Francis Barraud). Во 1899 таа е откупена од тогаш новоформираната Грамофонска компанија и адаптирана како лого на американската експозитура на истата фирма, Victor Talking Machine Company (подоцна RCA Victor).

Кучето, териер-мешанец по име Нипер, најпрвин припаѓал на братот на Барод, Марк. Кога овој починал, Франсис го наследил Нипер, заедно со цилиндричен фонограф и снимки на гласот на брата си. Кога кучето ќе го слушнелo гласот на својот починат господар се залепувало до „трубата“ и со чудење ја вртело главата. Франсис одлучил да ја прикаже оваа трогателна сцена, која потоа станала препознатлив заштитен знак. 

Но помеѓу оригиналната слика и онаа која вообичаено ја гледаме на плочите издадени под различни етикети, има една битна разлика. Она на што се поставени и кучето и фонографот на неа не е ниту под, ниту маса, туку нешто што неодоливо потсетува на мртовечки ковчег. Ова и има смисла, со оглед на споменатата приказна за мртвиот сопственик и кучето кое тажи по него слушајќи го неговиот глас. 

Кученцето го добило името бидејќи често неконтролирано се врткало околу нозете на посетителите радувајќи им се, а притоа богами некогаш и ги касало (од англиското nip - брза, каса). Умрело од природна смрт на 11 години и е погребано во парк во Кингстон на Темза каде и живеело последните години. Подоцна тука е изграден голем објект, но на него стои плоча посветена на кучето, по кое е именувана и улица во градот.  

Интересно е дека сликарот Барод, откако го направил „портретот“ на Нипер со фонографот сметал дека негов најлогичен купец би била компанијата Едисон-Бел, која го имала патентот за него. Но тогашниот директор Џејмс Хју, откако му била презентирана сликата, реагирал со: „Кучињата не слушаат фонографи“.  

4 јануари 2022 - 16:49