Фонетската азбука на Бенџамин Френклин која Американците не ја прифатиле

Донкихотовски проект на еден од основачите на САД, полимат и изумител, предвидувал реформа на азбуката на англискиот јазик која би помогнала да се намалат грешките во спелувањето со кои мака мачат и денешните Американци.

Бенџамин Френклин бил многу нешта. Политичар, научник, писател, визионер, чии идеи помогнале во формирањето на САД. Но помеѓу нив имало и такви кои, иако се засновани на логика и прагматичност, сепак делуваат прилично бизарно. Пример е неговата сугестија дека мисирката е посоодветен национален симбол од орелот, за кој рекол дека е „птица со лош морален карактер“. Но неговите идеи не застанале кај независноста и иконографијата. Тој предложил и редизајнирана азбука - нов јазик за новата нација. 

Својата фонетска азбука тој ја развил во 1768, но таа не била објавена до 1789, кога Ноа Вебстер, славниот лексикограф, заинтересиран за предлогот, ја вклучил во својата книга „Дисертација за англискиот јазик“. Сепак, со оглед на тоа што на Вебстер му недостасувале фонтови за да ја отпечати, азбуката не била објавена до моментот кога Френклин нарачал да се изработат посебни оловни букви, по што истата ја вклучил во својата збирка „Политички, филозофски и други дела“. 

Неговиот предлог за реформиран начин на спелување се базира на таблица во која знаците се хиерархиски подредени, согласно звукот што го претставуваат и вокалниот напор кој го подразбираат. Toj им дал предност на „звуците формирани преку здив, со никаква или со многу мала помош од јазикот, забите и усните, а произведени главно од дишните органи“.

Анализата на Френклин резултирала со отстранување на шест букви од англиската азбука - C, J, Q, W, X и Y, кои според него биле сосема непотребни или збунувачки. „Тврдите“ и „меките“ звуци за C (англиското си) лесно можеле да се заменат од К и Ѕ. Френклин исто така ги ограничил останатите букви на еден звук, „како што всушност и им доликува“. 

Но промените не биле само редуктивни, односно не се состоеле само од бришење и кратење. Азбуката вклучува шест сосема нови букви, кои ги осмислил самиот Френклин. На пример буква која отсликува „меко О“, друг кој ги заменува сите „ш“ (како во „шип“ или „фанкшн“); звук „нг“, две замени за „тх“, како и буква која ги заменума и „ум“ и „ун“.

Појасна претстава за промените кои ги предлагал се добива со читање на писмо (слика горе) кое тој го напишал користејќи го новиот начин, а кое не е толку тешко да се прочита откако еднаш човек ќе сфати што е што. 

Една од целите на Френклин било драстично намалување на погрешното спелување со кое мака мачат и денешните говорители на англискиот. Сепак, неговиот предлог не наишол на голема поддршка, па идејата и Американците да користат фонетска азбука, колку и да била прагматична и ефикасна, сепак пропаднала. 

14 февруари 2023 - 16:22