Почина режисерот на „Дипломец“

Филмската филозофија на Мајк Николс

Кое е доминантното чувство кое создава тензија во одредена сцена? - ова било основното прашање од кое се раководел Оскаровецот со шестдецениска кариера при снимањето на неговите филмови, кои денес се сметаат за класици. Дури и да не сте чуле за „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ или за „Квака 22“, ликот и делото на г-ѓа Робинсон од „Дипломец“ ви е сигурно познат. 

Majк Николс, роден во Берлин како Михаил Павлович Пешковски, се преселил во САД како седумгодишно дете, бегајќи пред нацистите. Во новата земја успеал да направи долга кариера како театарски и филмски режисер и продуцент и да стане еден од 12-мината кои ги добиле сите престижни награди на ова поле - Еми, Греми, Оскар и Тони. Неговото режисерско кредо: едноставноста.

Првиот игран филм на Николс од 1966, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф" имал актерска екипа од соништата, со Ричард Бартон и Елизабет Тејлор во главните рољи. Дебито не само што довело до неговата прва номинација за Оскар, туку повлекло низа негови следни филмови, кои го дофатиле чувството на апсурдност и вознемиреност на седумдесетите. Во „Дипломец", „Квака 22" и „Силквуд" тој го предизвикал дотогашното статус-кво во однос на голем број филмски теми, како родовите улоги и задкулисната политика. Тие и денес инспирираат, а особено близок до младата публика е „Дипломец", чие ехо е очигледно во филмовите на тн. ипсилон генерација (Вес Андерсон, Зак Браф и др.)

„Има само три вида сцени, караница, заведување или преговарање", вели Николс во интервју од 2006. „Зборовите се многу важни, но луѓето не забележуваат дека имало многу дијалог ако ликовите се караат или aко се на работ на тепачка. Тогаш публиката не вели 'леле, се утепаа од зборување', туку 'уф, мислев дека ќе ја удри!'. Караницата не е дијалог. Заведувањето не е дијалог. Преговарањето не е дијалог. Тоа се три суштински нешта кои се случуваат во некоја сцена. Мојата работа е да откријам за што од овие три работи е сцената која ја снимам, а потоа да направам тоа да бидеј јасно изразено од страна на актерите, камерата и во монтажата. Ако го направите ова како што треба, никој нема да мисли на дијалогот како да е само зборување".

Овој принцип е очигледен уште во неговиот прв филм, адаптација на драмата на Едвард Олби, кој е сниман во една единствена тесна просторија, а сепак заради играта со камерата успева да долови движење, и во смисла на простор, и во смисла на психолошките подеми и падови на ликовите. И не е досаден затоа што ликовите постојано се - караат.

Школски пример пак на сцена на заведување е оваа од Дипломец, во која во точно девет минути госпоѓа Робинсон (Ан Банкрофт) успева од тоа „случајно" да влезе во спалната на Бенџамин, (Дастин Хофман) каде ја гледаме низ водата од аквариумот како ајкула која само што запливала во кадарот, до тоа да го „исконсумира" во спалната на ќерка си на другиот крај од градот.

Пример за преговори е последниот филм на Николс од 2007, „Војната на Чарли Вилсон" со Том Хенкс, кој е под истрага за неговите обиди да ги финансира муџахедините во Авганистан. Истражителот, невозможниот ЦИА агент, го игра Филип Сејмур Хофман, кој изгледа како да пуштал брк цел мовембер.

 

21 ноември 2014 - 09:07