Филмот кој има доживеано повеќе од 20 адаптации во последниве седум години

Еден италијански филм стана вредно парче интелектуална сопственост. Зошто? Затоа што она што се случува во него со мали адаптации може да биде препознаено во различни култури - од Исланд до Блискиот Исток.

Една вечер седум стари пријатели - три пара и еден разведен маж - се среќаваат на вечера. Психијатарот во групата има предлог, игра во која секој ќе си го остави телефонот на маса и кога ќе добие СМС или мејл мора да го прочита на глас или да зборува на звучник. Сите се согласуваат, бидејќи, нели, нема што да кријат. 

Експериментот, онака како што се одвива во „Совршени странци“, италијански филм од 2016 во режија на Паоло Џеновезе, набргу предизвикува хаос, разоткривајќи тајни, меѓу кои неверства и хомосексуалност. Филмот заработи повеќе од 30 милиони низ светот; сценариото доби награда на Фестивалот Трибека, а од тогаш има доживеано адаптации во над 20 земји низ светот. Тоа е веројатно највисоката бројка на адаптации за кој и да е филм во историјата, секако за некој направен во последно време. Исландската верзија беше премиерно прикажана на 6 јануари, а данската се очекува во текот на 2023-та.

Истовремено, текстот е адаптиран и за театарската сцена, па така во нашиот Драмски театар уште во 2018 беше поставена верзија под наслов „Странци“, режирана од Нела Витошевиќ со одлична актерска екипа, која е на репертоарот до денес.

Зошто „Совршени странци“ е податен за адаптација? Секако помага тоа што заплетот има таква структура која му овозможува на оној кој го пре-пишува сценариото или драмскиот текст да внесува културни нијанси. На пример - Италијанците да вечераат њоки или Исланѓаните сушен ирвас. Француските гости носат вино; нивните јужно-корејски пандани на домаќините им нудат хартиени салфети, симбол на среќа.

Истовремено, се разликуваат и социјалните односи. Во арапскиот римејк, кој се одвива во Бејрут и беше објавен на Нетфликс во 2022, еден лик е домаќинка која ги одгледува своите деца со помош на член на семејството кој живее во нејзиниот дом. Италијанскиот филм исто така вклучува роднина кој живее во истиот стан, но тука мајката работи. Во исландскиот, таткото е оној кој се грижи за детето и не се спомнува проширено семејство. „Скандалот“ во италијанската верзија, откритието дека еден од пријателите е геј, во исландската не би функционирало бидејќи таму истополовите врски се вообичаени. Наместо тоа, во оваа верзија, тајната на женскиот лик е дека таа е во брак - со маж!

Сепак, и покрај овие разлики, со основната тема може да се идентификува секој кој живее во овој, современ свет, со сите негови дигитални предизвици, особено поврзани со приватноста. Во сите верзии поводот за играта е приказната дека некој заеднички пријател бил фатен во неверство, затоа што жена му чепкала по телефонот. Нешто што очигледно се случува и во Јужна Кореја, и во Италија и на Блискиот Исток.

„Совршени странци“ е податлив за адаптација и затоа што е евтин - актерите се лоцирани во една единствена просторија, и успехот на филмот најмногу зависи од актерските изведби. Токму затоа во повеќето од верзиите се појавуваат актери познати во своите средини. 

Интересно е отсуството на една земја од листата на оние кои имаат свои адаптации. Холивуд често прилагодува странски филмови, а потоа извезува синхронизирани или верзии со титл низ светот - ова ги обесхрабрува другите земји да прават свои верзии. Но за овој филм англиска верзија се уште нема. Сега пропаднатата компанија на Вајнстин ги има купено правата во 2017. Од тогаш се слушаат гласини дека некој друг ги откупил или планира да ги откупи за конечно да ја направи. Но отсуството на англиска верзија остави голем јаз на пазарот, во корист на меѓународните автори кои овозможија цела лепеза толкувања на еден ист текст.

Види претходно: Букбокс гледанка за „Совршени странци“ (2016)

14 јануари 2023 - 10:51