Фанови на хорор филмови се психолошки поотпорни на последиците на пандемијата

Некако има логика. Толку стравови и ужаси си видел на филм што си создал „имунитет“ на страв. Пандемијата во однос на сцени од Kрипшоу (1, 2 и 3) изгледа како Дизни.

Во ептен тазе текст, објавен вчера (15.9) во списанието Personality and Individual Differences (додуша во фаза на ракопис, или pre-proof), четирите автори главно од САД и Данска, тврдат дека обожавателите на хорор филмови покажуваат помал степен на стрес во текот на пандемијата на Ковид-19. И не само тие, туку и „морбидно љубопитните луѓе“, кои покажуваат интерес за различни бизарни аспекти на културата, се поотпорни на крахови кои можат да ги предизвикаат екстремните ситуации. 

Едно од вообичаените објаснувања зошто луѓето воопшто сакаат да имаат застрашувачки фиктивни искуства е дека тие можат да послужат како симулации на вистинските настани и да обезбедат некаков психолошки тренинг. Студијата тестирала дали минати или актуелни ангажмани со тематски релевантни медиумски фикции, како хорор или пандемиски филмови, резултираат со поголема подготвеност и психолошка отпорност во однос на моменталната криза.

Заклучокот е дека гледањето (или читањето) за вонземски инвазии, апокалипси и зомбија резултираат со развој на механизми за излегување на крај со стравови кои се добредојдени во ситуации во реалниот свет. Ова го потврдува ставот на Стивен Кинг кој вели дека „добриот хорор е оној кој функционира на симболичко ниво, и користи фиктивни (понекогаш и натприродни) настани за да ни помогне да ги разбереме нашите најдлабоки вистински стравови“. Истражувачите секако зеле предвид испитаници од различна возраст, пол, ниво на примања и други генерални личносни фактори, но големи разлики во основниот резултат немало во однос на овие варијабили.

Во листата на жанрови би ги додале и дистопиите - гледањето на, на пример, „Блек мирор“ со време ни ги отвори очите и навистина имаше позитивен ефект врз нашите очекувања од светот. Само се плашиме што би можела да содржи некоја следна сезона...

16 септември 2020 - 15:52