Миљенко Јерговиќ

Фама за велосипедистите

„МВР ги предупредува велосипедистите да се движат само по обележаните велосипедски патеки, за да не заработат казна од 25 евра“ - вака гласеше информацијата која ја израдува нашата пролетна душа, која едвај чекаше да ги напумпа гумите и да се пушти по - да, да - обележаните и безбедни велосипедски патеки низ градов.

Слично, полетно чувство, ете имаат и во Загреб, каде казната е додуша над 60 евра. Можеби затоа Јерговиќ предлага, место парични казни - снајпери. Ефектот по буџетот би бил сличен...

Начинот на кој оваа пролет низ Загреб се решава проблемот на велосипедизмот ќе донесе повеќе штета отколку корист. Позорникарите кои ги бркаат велосипедистите од празните тротоари на улиците, по кои под полна брзина шибаат камиони, автобуси и црни теренски возила, и притоа им наплаќаат петстотини куни казна, би можел да го оптерети и онака преоптоварениот социјален и здравствен систем на Република Хрватска. Поголемиот број велосипедисти, имено, имаат целосно здравствено осигурување, повеќето се млади и здрави, па постои голема можност да преживеат налет на камион, автобус или теренско возило, и тоа на градот и на државата во време на најопшто штедење може да ѝ направи големи трошоци, кои потоа би го срушиле кредитниот рејтинг на Република Хрватска. А снајперите во својата пресметка со велосипедистите, сами по себе, би биле добар сигнал на меѓународните агенции, дека хрватските власти мислат сериозно, и дека нема да штедат радикални реформи и болни резови, сè за излез од економската криза.

На сите ни е јасно дека во оваа фаза на економска консолидација на хрватскиот пат кон Европа велосипедистите се најголемите штетници, полоши и од синдикатот, работниците, лажно и реално невработените, кризниот стожер на Петрохемија, Далмацијавино, „компјутерските игри и убавата книжевност", колективните договори и работничките права, меѓумурските Роми, социјализмот и сето она и сите оние кои хрватската Влада, нејзините министри, а особено Првиот Потпретседател, го имаат означено како општествен отров, паразити и саботери на хрватската држава. Велосипедистите не трошат нафта и бензин, и на тој начин го оштетуваат државниот буџет. Велосипедистите не плаќаат ама баш ниеден данок на своето велосипедирање. Тие, противприродно, се изземаат од речиси целиот механизам на слободниот пазар и стоковата размена. Додека педалираат, тие дури не ни телефонираат (исклучоците се ретки), а да не зборуваме и за пософистицирани начини на полнење на државниот буџет, поттикнување на инвестицискиот циклус и создавањето на добра бизнис атмосфера. Велосипедистите се преместуваат од едно на друго место, а ни државата, ни бизнисмените, ни работодавците, ни управителите со јавни добра од тоа немаат никаква корист. Да им се наплаќа петсто куни казна, или да се воведуваат низа бесмислени закони, кои од секое возење велосипед ќе направат противправно и противзаконско преместување од точка А до точка Б едноставно не е доволно радикално, не е во склад со политиката на штедење. Затоа загрепските градски власти би требало да пружат добар пример на хрватската влада. Нека бидат болни резовите, нека снајперистите пукаат по велосипедистите што ќе ги забележат на тротоарите, вон коловозите и велосипедските патеки (до кои и не може да се дојде, ако претходно човек не се провози по тротоар, а потоа се знае, бум, и еден велосипед помалку!).

Оваа идеја ми падна на ум додека во совршено пустата улица Дамир Томљеновиќ Гавранот, која води покрај Бундек, видов милицаец како му рипа на мојот сосед велосипедист, му одзема петсто куни и го брка на улица. Бидејќи во тој миг на широкиот плочник од едниот до другиот мост преку Сава немаше ама ниту еден пешак, и со оглед на тоа што во поновата историја на Загреб уште не се случило пешак смртно да страда пред налет на велосипед, размислив и сфатив која би била единствената смисла на казнување на велосипедисти. Полнење на буџетот и излез од големата економска криза. А тоа, дај да разбереме, не се случува без болни резови.

17 април 2012 - 13:00