Експеримент: актери ќе глумат во три претстави истовремено

Нова, амбициозна трилогија претстави подразбира дека актерите ќе трчаат за да стигнат во три театри, за да играат во три претстави истовремено. 

„Камен, хартија, ножици“ (Rock/Paper/Scissors) можат да бидат и три одделни драми, но сега се поврзуваат за едно необично одбележување на 50 години од постоењето на театрите Шефилд, во истоимениот град. Станува збор за три „сестрински“ објекти, Шефилд Крусибл, Студио и Лицеиум, кои се наоѓаат во меѓусебна близина. 

Уметничкиот директор на комплексот, Роберт Хести, изјавил дека сака „голем предизвик“ за јубилејот, кој се паѓа во 2022. Предизвикот во случајот ќе се однесува пред сè на актерите, кои наместо како вообичаено да чекаат во своите гардероби помеѓу сцените, сега ќе треба буквално да трчаат од еден до друг објект и да го погодат тајмингот на своите сцени во трите паралелни претстави. 

На овој начин излезот од една претстава за нив ќе претставува директен влез во другата. Кастингот се уште не е објавен, но веројатно ќе подразбира дека актерите ќе мора да бидат физички подготвени за ваков потфат. Засега се работи на распоредот на сцените, влезовите и излезите, но сè додека не почнат пробите нема да се знае точно што може да тргне наопаку и да се превенираат ризиците. Дури и на пробите мора да се симулираат рутите по кои би оделе актерите.

Што се однесува до содржината, текстот следи три генерации од едно семејство кое е во дилема што да прави со фабрика за изработка на ножици која ја има наследено. Но преку приказната за семејството се истражува нашата генерална врска со физичкиот простор кој го наследуваме од претходните генерации - што правиме со архитектурата која некогаш била дом на индустрискиот подем.

10 ноември 2021 - 10:06