Џони Деп и Џеф Бек украле стихови од затвореник?

Деп и Бек се обвинети за кражба на стихови на некогашен затвореник, кои се појавуваат во песна на нивниот заеднички албум, „18“. Иако можеби станува збор за народна творба, сепак останува етичкото прашање зошто тие се потпишани како единствени автори на стиховите.

Песната на албумот „18“ на Џони Деп и Џеф Бек, кој излезе на 15 јули, се вика Sad Motherfuckin' Parade и содржи неколку стихови од „Хобо Бен“, песна на Слим Вилсон. Тоа е псевдоним на измамник и макро, кој лежел за убиство и вооружен грабеж.

Во 1964, додека бил во затвор во Мисури, Вилсон се запознал со фолклористот Брус Џексон, кој ги снимил и транскрибирал песните кои ги знаел затвореникот, комичен облик на наративна црнечка народна поезија. Тие подоцна се објавени во книга посветена на оваа уметничка форма под наслов „Фрли го задникот во вода и пливај како мене“. Две години подоцна излегол и истоимен албум, на кој Слим самиот ги извел песните. 

Во именуваната песна, „Хобо Бен“, главниот лик - талкач ги прашува присутните на некоја забава:

„Убави и културни дами, толку рафинирани,
дали меѓу вас има некоја со вино што ќе ме почасти?

Знам дека сум парталав, но не смрдам
Господ ќе ја благослови онаа што ќе ми купи пијачка.
Хети со широките колкови се сврти кон Надин
И рече, ’Она што му треба на овој е*ен фраер е бањање’“

Сите овие се појавуваат во песната на Деп и Бек, кои придонеле само со два дополнителни стиха. Сепак, во списокот на албумот тие се единствените наведени како автори на песните. 

Она што е додуша комплицирано, е да се докаже оригиналното авторство на „Хобо Бен“, дело кое се пренесувало преку натпреварувачка усна традиција. Синот на авторот на книгата изјавил дека истражуваат можни законски опции, ако ништо друго а тогаш на име на фактот што Деп и Бек никаде не ја спомнуваат можноста дека тие не се единствени автори на стиховите. Џексон е сопственик на авторските права на транскрипциите содржани во книгата, што според американскиот закон е исто како тој да е нивен автор. Сепак, ова може на крај да излезе повеќе етичко, отколку правно прашање. 

Критиката не го дочека албумот „18“ со ловорики, но можно е името на Џони Деп да овозможува некаква продажба. Оттаму повикот е барем дел од средствата да бидат донирани кај луѓето кои придонеле за креација и помнење на овие стихови. 

5 август 2022 - 11:34