Џон Кејџ за металци

Во историјата на музиката имало разни верзии на славните 4 минути и 33 секунди на Кејџ, но колку што знаеме не и ваквa. Ќе си речете тишина си е тишина, ама па жанрот си повлекува.

Вообичаено „Четири триесет и три“ на Кејџ се изведува со цел класичен оркестар, иако може да се „свири“ и на кој и да е поединечен инструмент. Поважно е она што се случува, додека навидум ништо не се случува - нервозното тропкање на нечии ѓонови по паркетот во салата, ѕвецкањето на накит, дишењето на публиката и на музичарите, сето она што инаку звуците на музиката го поклопуваат како неважно или споредно. „Сè што правиме е музика“ велеше Кејџ, и затоа веруваме дека би му се допаднала и оваа метал тишина.

64 години по дебитанската изведба на 4’33’’ на пијанистот Дејвид Тудор, метал бендот Дед Територи се нафаќаат на тешката задача, да ќутат повеќе од четири минути. На почетокот додуше има многу местење коса, малку дисторзии, ритам, но набргу сè замира, оставајќи ве доволно надразнети за оваа тишина да ви е поинаква од онаа во свечена концертна сала.

Се разбира големо влијание врз она што (не) го слушаме има она што го гледаме, па оттаму дури и без никаков вовед, само заради по малку нервозните дечки кои очигледно не се навикнати да стојат мирно (еден од нив дури и си држи ритам на некоја музика во неговата глава) сето ова добива сосема поинаква атмосфера. Уживајте во метал тишина.

 

1 август 2016 - 17:08