Дримворкс почнува со издавање книги

Дримворкс прес ќе објавува книги во печатена и дигитална форма - ова е одлуката на познатото студио за анимација, како чекор за сопствено ширење и диверзификација на бизнисот.

„Читањето со децата се уште е искуство кое нешто значи. Истовремено производството на е-книги кои вклучуваат интерактивни елементи станува растечки бизнис во издаваштвото", ги објаснува мотивите извршниот директор на Дримворкс, Џери Каџенберг.

Компанијата ги поседува правата за објавување книги базирани на голем број од нејзините популари ликови. Проблемот е што освен оригиналните приказни врз кои е снимен одреден филм, како онаа за Шрек на Вилијам Штајг, постојат и голем број други наслови кои го содржат истиот лик, а чии издавачи правата ги откупиле токму од Дримворкс. Токму затоа компанијата ќе се концентрира на идните филмови и книгите поврзани со нив. Отстапувањето на правата за објавување книга според филмот на друг издавач е секако поедноставно, и носи помалку ризик, но од друга страна директното објавување носи многу поголем профит и контрола врз крајниот изглед на производот.

Изгледа дека барем во САД овој пазар, за детски и тинејџерски книги, навистина расте - спорeд податоци од Здружението на американски издавачи во првите десет месеци од минатата година споредено со истиот период во 2011 покажува раст од 6,9%. Ова се толкува како резултат на зголемените напори на родителите да читаат со нивните деца, а што е пак поинтересно за децaта од ликови кои веќе ги засакале преку филмовите.

Засега водечка компанија која истовремено се занимава и со анимација и со издавање детски книги, што значи и главен конкурент на Дримворкс, е Волт Дизни, којa долго време успешно објавува детски книги базирани врз сопствените хитови. Минатата недела шест од топ 100-те наслови на Амазон беа поврзани со анимираниот филм на Дизни, Frozen.

Извор: WSJ

13 февруари 2014 - 11:59