Добитничката на Нобеловата за литература ќе донира дел од парите за поддршка на писатели

Не знаеме за друг ваков пример на писател-добитник на Нобел кој парите од наградата сакал да ги подели со своите колеги. Кај нас некои ни пијачка не би почастиле. 

Полската лауреатка Олга Токарчук планира со финансискиот износ на наградата од 830.000 евра да воспостави фондација за поддршка на писатели и преведувачи од целиот свет. Во тоа ќе ѝ помогнат градот Вроцлав и локалниот Дом на литературата, со тоа што ќе обезбедат градска куќа каде би можеле да престојуваат писатели на резиденции, и да се одржуваат книжевни настани.

Како што пишува германскиот медиум Тагесшпил, Токарчук ги обелоденила плановите за основање фондација на почетокот на оваа недела. Претставници од градот симболично ѝ ги предале клучевите од куќата која некогаш му припаѓала на полскиот поет Тимотеуш Карповиц. Таа ќе биде реновирана од градски фондови и ќе биде претворена во централа на Фондацијата. Планот е да се отвори до крајот на 2020, на годишнината од доделувањето на Нобелот на Токарчук.

Самата Нобелова награда го носи името на човек кој ја воспоставил во 1896 врз основа на сопственото богатство, да ги награди оние „кои му служат на човештвото“.

25 октомври 2019 - 08:29