Learn'em and leave'em

Дали треба да се пишува само за она што добро се познава?

Во интересен текст во Њујорк Тајмс, Бен Јагода анализира три вообичаени совети за пишување. Еден од нив е најзафркнат.

Една од трите најпознати пишувачки изреки е „Убиј ги своите миленичиња". Вообичаено припишувана на Вилијам Фокнер, но и на други, чувството оригинално било изразено од сер Артур Куиjер-Кауч (Arthur Quiller-Couch) во раниот 20. век. Тој рекол: „Кога и да почувствувате поттик да напишете парче исклучително фин текст, сторете го тоа - со целото срце - и потоа избришете го пред да го испратите на печатење. Убијте ги своите миленичиња". Без оглед на употребениот глагол, тој сака да каже дека понекогаш одреден пасус може да се подобри со отстранување на некоја метафора, или со промена на некоја фраза и досетка кон која што сме пристрасно приврзани. Ова е вистина, но според моето искуство проблемот на тоа некоја вешто стокмена изрека да му штети на поголемиот текст не е толку чест колку што тоа изгледа.

Второто мото е: „Покажи, не раскажувај". Ова има две значења, обете се длабоки, и според мое искуство, секогаш точни. Првото е дека при опишување на некоја сцена секогаш треба да се обидувате да направите читателот да се почувствува дека тој или таа е на лице место во моментот, а не за тоа да слуша од втора рака. Погенерално, за пласирање на каков и да е аргумент, добро одбрани и соодветно употребени факти се секогаш подобри од мислења и генерализации: или уште поопшто, силните именки и глаголи служат како главен мотор на доброто пишување, придавките и прилозите повеќе како украси.

Третото е малку покомплицирано. Се однесува на „Пишувај за она што го знаеш", а проблемите се појавуваат кога ова се толкува на следниов начин: дека учителки во прво одделение треба да пишуваат (само?) за тоа како е да се биде учителка во прво одделение, писатели кои живеат во Бруклин треба да пишуваат само за тоа како е да се биде писател во Бруклин и така натаму. Ваквиот став со право е критикуван, бидејќи води кон еден вид литературен солипсизам (изолираност, самодоволност), кој всушност го содржат голем број раскази, романи, есеи и мемоари.

Но мотото е сепак вистина. Писателите кои се интимно запознаени со нивната тема создаваат поубедливи, посамоуверени и посилни резултати. Ако Џо е просечен писател кој ги познава работите за кои пишува до длабочината на неговата душа (да речеме дека негова тема се видео игри), а Џејн е одлична писателка која само до некаде е запознаена со она што го пишува (да речеме дека тоа е глобалното затоплување), тогаш есејот на Џо секогаш ќе биде подобар: стегнат, директен, прецизен и луциден. Џејн ќе врти, ќе сучи, ќе квалификува и заобиколува, ќе користи пасив и апстрактни именки; ќе кружи околу темата за да ги покрие сите празнини во нејзиното знаење, и со тоа ќе ги направи читателите по малку претпазливи и сомничави.

Но и оваа заповед не е совршена, и не значи дека сето она што го пишуваме треба да биде ограничено на нашите страсти. Некои луѓе не се страсно посветени на нивните теми, што е за жалење но тоа не значи дека е аргумент за нивно туркање на маргините на прозниот свет. За среќа, оваа заповед има и „дупка": ВИЕ МОЖЕТЕ ДА НАУЧИТЕ. Во новинарството ова се нарекува истражувачко новинарство, а во белетристиката „истражување". Не пишувам белетристика, но сметам дека сериозна комбинација на набљудување, размислување и насочена имагинација би можела да произведе сличен резултат. Во сите случаи, идејата е да се истражува темата додека не станете способни да пишувате за неа со целосна самодоверба и авторитет. Да се биде сериски експерт е една од работите кои се кул во пишувањето: You learn'em and leave'em. (Ги научувате и ги оставате)

автор: Бен Јагода

23 јули 2013 - 09:49