Дали треба да има Оскар за најдобро истражена приказна?

И покрај тоа што на сите им е јасно дека игран филм не е исто што и документарец, огромен број холивудски филмови се критикувани заради нивното „непридржување кон фактите". Дали тоа би можело да се надмине со посебна награда за најквалитетно помирување на историските податоци со фикцијата?

Oвогодинешната сезона на Оскари беше полна со биографски и/или филмови со историска позадина, a повеќето oд нив беа критикувани заради недоволна прецизност или прескокнување на факти кои би можеле да фрлат поинаква слика на приказната. Во ова водеше „Селма", амбициозна драма посветена на Мартин Лутер Кинг помладиот и движењето за гласачки права од 1965. Копјата се кршеа околу начинот на којшто во филмот е претставен односот на тогашниот претседател на САД, Линдон Б. Џонсон, кон барањата на Афро-Американците да им биде овозможено уставното право на глас. Според симпатизерите на бившиот претседател, филмот е неправедно остар кон него, бидејќи го прикажува како некој којшто стои на патот на прогресот.

Ова е само најсвеж пример на дуалната позиција на гледачот на вакви филмови, базирани на реални историски настани, кој како да е исправен пред само два избора - или да биде на страната на „поетската слобода" на едно уметничко дело или да се држи до „студените" факти. Ан Хорнадеј од „Вашингтон пост" предложи среден пат помеѓу овие два екстрема, нудејќи нови правила за гледање на биографски филмови. Според неа, публиката треба да култивира „трето око", кое истовремено ќе внимава и на коректноста на фактите и ќе го цени фиктивното „пакување". А ваквата успешна комбинација би била и наградувана, во оскаровска категорија за „извонредност" на спојот на фактите и фикцијата (различно од најдобро адаптирано сценарио, кое ја цени успешноста во прилагодувањето на сценариото на претходно книжевно дело).

Со тоа во преден план би дошла една малку позната, и малку ценета група филмски работници, чија задача е куп информации да прелеат во приказна - вообичаено наречени „консултанти" или „истражувачи" - а од чија работа зависи и убедливоста на конечниот производ. Колку строго ќе бидат проценувани зависи и од амбицијата на филмот, колку тој сака да се прикаже себеси како „автентична приказна за тоа и тоа" (или тој и тој). Колку поголема амбиција во оваа смисла, толку и критериумот би требало да е поостар, бидејќи публиката во тој случај би била посклона од филмот да очекува некаква „вистина".

Практичните аспекти на воведувањето ваква категорија сигурно би биле бројни и сложени, но самиот разговор за ваквата можност е добар повод да се потсетиме - дека некаква граница помеѓу фактите и фикцијата во ваквите филмови постојат, а каде е таа, тоа не зависи секогаш од експерти, туку, како што тоа го покажа на пример овогодишниот „Американски снајпер", печатот на „автентичност" лежи и кај други, маргинализирани групи (во овој случај ветерани од војната во Ирак), од чиешто скапоцено и споделено искуство зависи дали некој производ на филмската индустрија ќе биде сметан за релевантен или не.

23 февруари 2015 - 13:40