Дали Оскарите би можеле да ги спојат наградите за најдобар актер и актерка?

На неодамна завршениот виртуелен Берлински фестивал прв пат беше доделена родово неутрална актерска награда. Дали овој пример би можеле да го следат и други филмски награди, и какви би можеле да бидат последиците?

Без црвени теписи, без прес конференции, без целиот гламур, оваа година Берлинскиот фестивал се одвиваше онлајн, a добитниците беа соопштени на 5 март (целиот список тука). Меѓу нив и првата родово неутрална актерска награда, која ѝ беше доделена на Марен Егерт (на сликата горе).

Новата награда беше соопштена во август, и значеше дека и актерите и актерките ќе се натпреваруваат во истата категорија. Егерт го доби признанието за својата улога на музејски истражувач во научно фантастичната комедија, „Јас сум твојот маж“.

Оваа одлука на Берлин сега може да има ефект на лавина и за другите филмски награди. Идејата претходно беше поддржана од Кејт Бланшет и Тилда Свинтон, но предизвика и вжештена дискусија.

Дали и Оскарите би можеле да ја прифатат ваквата заедничка награда? Ова е тешко замисливо бидејќи тоа истовремено би значело и преполовување на шансите да се добие престижното признание. Освен тоа, би можело да предизвика и друг вид неправичност - да речеме дека добитниците од минатата година, Рене Зелвигер и Жоакин Феникс, би се натпреварувале во една голема категорија. И дека Феникс би го добил Оскарот. Тоа значи дека Рене, која инаку сосема заслужено би си го однела трофејот дома, сега би останала со празни раце. Фактот дека е жена би предизвикал уште поголеми реакции и повторен муабет за уште поголема дискриминација, иста онаква која наводно требаше да биде избегната со воведувањето на наградата.

Сето ова може иронично да доведе до судир помеѓу две фракции на промотори на рамноправност. Истовремено не е јасно дали оваа категорија би опфатила актери кои се изјаснуваат како родово неутрални (или повторно само мажи и жени во една категорија). Во секој случај ќе биде интересно дали после Берлин на сличен начин ќе реагираат Бафта, Оскарите, Глобусите и Еми наградите.