Морална дилема

Дали лош човек може да создава добра уметност?

Дали „Лимениот барабан" го читате поинаку во светлината на обвинувањата упатени кон Гинтер Грас за антисемитизам? Дали априори одбивате да прочитате дело на домашен автор, затоа што тој не ви застанал на пешачки? Дилемата е стара, но секогаш актуелна.

Прашањето деновиве беше поттикнато од постапката на еден американски студент: 25-годишниот Тимоти МекНер за неговиот дипломски испит на Northwestern University од Илионис на концерт требало да изведе три песни, меѓу кои и една на стихови од Волт Витман. Студентот, по потекло афро-американец, одбил да ја пее песната од Витман бидејќи не таа (делото), туку тој (авторот) во текот на животот повеќе пати истапил како расист. „Знаеме дека ги нарекувал афро-американците 'бабуни' и се залагал за укинување на правото на глас", образложил Тимоти.

Заканата од страна на професорот дека заради ова студентот не само што ќе падне на испитот, туку може да ја загуби и стипендијата, доведоа до жестоки дебати. Некои ја држат страната на Тимоти, велејќи дека ова е добар начин наставната програма да се прочисти од дела на автори чии морални си-вија содржат големи дамки. Границата помеѓу делото и авторот е тенка, па промовирајќи нечие дело може да излезе дека го промовираме и авторот со сите негови багажи, велат тие.

Едното нема врска со другото, вели вториот табор. Историски расизмот е факт, но уметничките дела не мора вечно да го носат гревот на оние кои ги создале, се разбира доколку самите не ги проповедаат сомнителните етички ставови на нивните креатори. Дали песна за планинските врвови и пролетните цвеќиња одеднаш зборува за холокауст ако знаеме дека ја напишал бивш Ес-есовец? Да, таква ментална брана е тешко да се постави. Од друга страна, ако ти отфрлиме делата на сите кои реално биле кретени како луѓе, тогаш можеби и нема многу да ни остане.

31 мај 2013 - 08:44