Букбокс читанка

„Сестрите Макиока“ од Џуничиро Танизаки

Приказна за четири дами од некогаш богато семејство од Осака, која излегувала во продолженија од 1943-1948, но зборува за настани кои се одвиваат во предвечерјето на Втората светска војна. Овој глобално тензичен момент виси како фантом врз судбините на семејството, кое упорно се држи до старите начини и до сопствениот углед, во свет кој забрзано се менува.

Цуруко, Сачико, Јукико и Таеко се четири сестри, главни ликови на роман кој се смета за еден од најзначајните во модерната јапонска книжевност. Неговиот автор, Танизаки, бил еден од шестмината кој влегле во најтесниот список за Нобеловата за книжевност во 1964, една година пред својата смрт. Пред Мураками да се стекне со светска слава, тој е често наведуван како еден од „Големата тројка“ на најзначајни јапонски писатели, заедно со Јасунари Кавабата и Јукио Мишима.

Оригиналниот наслов на романот е „Сасамејуки“, кој означува ситен снег, но во класичната јапонска поезија се користи, по аналогијата на нивната минливост, и како симбол на паднатите црешови цветови во рана пролет. Со оглед на тоа што „јуки“ (снег) е содржано во името на една од сестрите, тоа би требало да асоцира на централноста на нејзиниот лик. Но оваа асоцијација тешко се доловува во превод (можеби „Снежец“?), па оттаму насловот на повеќето изданија, па и на македонското (во одличен превод од англиски на Калина Малеска, која е авторка и на деталниот поговор), гласи „Сестрите Макиока“. 

Ова е исправна одлука, затоа што главен „лик“ во книгата е всушност еден цел сплет на социјални односи, произлезен од индивидуалните карактери на сестрите, но и на нивната позиционираност во строгата хиерархија на јапонското општество, базирана на класната, родовата, возрасната, па дури и регионалната припадност. Фактот што семејството Макиока е од Осака, а не од Токио, често е спомнувано како знак на нивната отуѓеност од она што се случува во формалната престолнина - Токио - и се рефлектира врз нивното гордо придржување кон осачкиот дијалект, храната, па дури и климата. Додека во Токио владеат неподносливи горештини или сурови зими и тајфуни, куќата на Макиока останува мала оаза среде разните природни и човечки катастрофи. 

Централна тема се постојаните обиди на семејството да ја омажи Јукико, третата по возраст, која со оглед на тоа што е веќе навлезена во третата деценија од животот нема големи изгледи да најде онаков партнер каков што би соодветствувал на девојка со нејзино потекло. Работите се комплицираат и поради однесувањето на најмладата сестра, најлибералната и по малку откачена Таеко, која согласно правилата не може да се земе со својот љубовник „преку ред“ и со години тера скришна врска, која во една таква средина веќе и не е толку тајна. Постарите сестри, Сачико и најстарата Цуруко (која ја „држи“ главната куќа, поради работното место на мажот ѝ лоцирана во Токио), по редот на нештата се одговорни за помладите, и голем дел од времето го поминуваат во меѓусебни преписки и договарања за тоа како да се регулираат односите во семејството, но и како тактички да се манипулираат „односите со јавноста“. Тие главно се сведуваат на некакво дозирање, криење или стратешко пласирање информации, како и нивна реципроцитетна размена со други жени од заедницата, во нешто што изгледа како бесконечна шаховска партија, во која нема победник.

Во еден таков женски свет, позицијата на мажите е маргинализирана и главно од формален карактер, иронично со оглед на строгите патријархалните односи и стереотипната потиснатост на жената во јапонското општество. Можеби затоа што сопрузите на Цуруко и Сачико се од понизок слој и го зеле презимето Макиока, тие изгледа дека го немаат последниот збор, а дури и кога тоа е навидум така, станува збор за одлука која нивните жени веќе ја донеле или ја посакувале. Иако делува како нештата циклично да се повторуваат (потенцијален кандидат за Јукико-пропаѓање на преговорите; семејна годишна екскурзија за набљудување на расцветаните цреши-истата екскурзија следната година; некој од членовите на семејството се разболува па оздравува), оваа средина е всушност многу динамична, споредлива со современите социјални односи во серии како „Следоред“ (Succession) и слични на неа, каде општествената позиционираност има подеднаква улога. Она што ги разликува современите нарации за семејни конфликти од онаа во романот на Танизаки е што со оглед на контекстот - Јапонија, 1930-тите и раните 1940-ти - се уште подразбира држење до честа и пристојноста како врвни принципи. Ова секако е лажно застапување на концептот на „чист образ“, со оглед на тоа што сложеноста на животот ги демантира сите обиди за држење на нештата под контрола, особено под наплив на новите, западни начини на живот. 

Она што останува загадочно во пристапот на Танизаки е следното: дали тој ги критикува новите начини, или напротив, опишувајќи една средина која е опседната со нив дури и кога тие ѝ носат несреќа, го прави токму обратното - ги критикува ригидните обиди тие по секоја цена да се задржат. Во самиот текст нема јасни назнаки за едното или за другото, односно има аргументи и за едното, и за друго. На моменти ја осудуваме Сачико затоа што не е подоследна во своите ставови и одлуки, за веќе во следниот да сочувствуваме што таа поради својата позиција мора да го стави својот приватен живот во втор план и да се грижи за оној на нејзините сестри. Јукико, таква нежна и срамежлива, ги освојува нашите симпатии, но само до моментот кога нејзината тивка каприциозност прави дури и добрите кандидати да извисат, а со тоа да се нанесе срам на семејството кое толку ја поддржува. Не е сосема јасен ни ставот на Танизаки кон фашизмот во Европа, кој можеби и не можел до крај да биде оформен во времето кога е пишувана книгата, па оттаму и проценката на овој аспект од денешен аспект и не би била баш фер. 

Со оглед на тоа делата на Танизаки пред овој роман зборувале за деструктивни сексуални опсесии и биле полни со тогаш шокантни еротски сцени, склони сме да мислиме дека тој би осудил секаков тоталитаризам, особено оној „тивкиот“ на традиционалната култура. Секако, ова е само интуиција. Додуша поддржана од крајот на романот, каде Јукико конечно заминува со воз кај новиот сопруг. Овој момент Танизаки одбира да ни го претстави со следното, што е воедно и последната реченица во романот: „Дијарејата на Јукико траеше цел ден на дваесет и шести и и направи проблем во возот за Токио“. Какво гротескно финале по скоро шестотини страници убедување на читателот за значајноста на овој чин.

Илина, Букбокс

29 јануари 2022 - 12:17