Букбокс читанка

„Пандемија!“ од Славој Жижек

Има едно непишано правило во општествените науки кое подразбира дека за нешто упатено да се коментира е потребна барем мала историска, а со тоа и критичка дистанца. Особено ако станува збор за нешто толку сеобземачко и омниопседнувачко како тековната пандемија. И особено ако амбицијата е да се пишува не фејсбук пост, не колумна или статија, туку книга. Но ова „правило“ не важи и за Жижек.

Неодамна се случи онлајн промоција на македонското издание на најновата „книга“ на Славој Жижек, под наслов „Пандемија!: Ковид-19 го тресе светот“. Зборот „книга“ намерно го ставаме во наводници, затоа што сепак станува збор за производ што со оглед на темата е осуден на релативно краток „шелф лајф“, односно рок на релевантност на податоците и на некои од тезите изнесени во неа. Една од карактеристиките на пандемијата, имено, е што дополнително ја акцентираше високата стапка на „смртност“ на информациите, нивната молскавична трансформација од суштински до ефемерни, од големи вистини во исто толку големи лаги. Во истиот момент кога Жижек го напишал првиот збор на тастатурата (некако би се обложиле дека куца со два прста, со отсечни движења и со често кревање на погледот кон телевизорот), овој текст веќе бил застарен. Затоа што никој не може да куца толку брзо за да ја навјаса реалноста во вакви моменти, за која уште не е измислен доволно обемен „лајв фид“.

Жижек многу добро го знае ова, дека за дестилирање на филозофски вистини и во помирни времиња биле потребни години, па дури и векови. Има две можни причини зошто некој сепак би се одлучил да пишува дури и при ваква свест. Едната има врска со некритички однос кон сопственото присуство во јавноста, стапица во која паднале многумина и од која или тешко, или воопшто не се извлекле. Второто има врска со нешто посуптилно - стравот од она што се случува, а кој може да се скроти само ако за него се размислува и пишува. Па макар и избрзано, некохерентно, осудено на ефемерност во истиот момент кога е завршено. Жижек во текстот не крие дека му е страв, дека не излегува од дома, дека не се гледа со синовите, дека му е тешко. Ова кај генерално благонаклоно настроените (како нас) малку ја омекнува острицата на критиката, и прави да се чувствуваме како навистина да сме „во истиот брод“.

„Пандемија!“ се состои од 11 кратки текстови, со две писма од пријатели во додатокот. Централната теза е дека овој критичен момент во историјата на човештвото треба (мора) да се искористи за правење на еден суштински избор помеѓу комунизмот и варварството. Наспроти ставовите дека ѕверот на капитализмот допрва ќе добие на сила, исто како и државната контрола, Жижек предвидува (или се надева, пледира?) на солидарност, но не и аполитичност, туку на она што Кант го нарекува „јавна употреба на разумот“. Во една таква ситуација она што тој го предлага не е некаква визија за светла иднина, каква што нудеа некои претходни идеологии, туку специфичен „комунизам при катастрофи“, како противудар на капитализмот при катастрофи. Ова подразбира јакнење на локалните заедници, ефективна меѓународна соработка и споделување ресурси. Ако ова не се случи, тогаш нема друга алтернатива освен ново варварство, кое ќе биде новото нормално.

Овој став на неколку пати се повторува како рефрен помеѓу инаку прилично дисонантни парчиња, кои најверојатно се делови од негови претходни текстови и настапи на истата тема. Така, се случува Хегел да се сретне со Тарантино, Лакан со Орбан, кинеските функционери со Бокачо и Википедија. Додуша, има тука и одлични никулци на истражувања, како она за Noli me tangere, „не ме допирај“, или преносно „не се држи до мене“, зборовите кои и ги упатил Исус на Марија Магдалена кога таа го препознала по неговото воскреснување (И рече Исус: Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец - Евангелие според Јован, 20:17, издание на Светото писмо на МПЦ). Особено нè израдува неговото (додуша прекратко) препрочитување на Бјун Чул-Хан и неговата книга „Папсано општество“ (во книгата на Жижек транскрибиран како Бијунг-Чул, а насловот преведен со „Прегорено општество“) која на македонски излезе во 2017 и за која претходно пишувавме тука. Пандемијата, имено, ги прегрупира „папсаните“ и воведе нови облици на замор - од една страна на оние кои по сила на приликите станаа поангажирани од претходно (медицински персонал, негуватели, продавачи), и оние кои се заморени просто од неактивност или работа во домашни услови. Заморот на вторите е повеќе виртуелен, „неоправдан“, а сепак многу реален во психичка смисла.

Се надеваме дека дел од идеите начнати во овој текст ќе бидат инспирација на самиот Жижек за нивно потемелно развивање во иднина. Или дека ќе поттикнат дискусии кои додуша заради новиот начин на кој тече времето - стравично брзо - исто така нема да можат да произведат заклучоци врежани во камен. Но она што ќе го покажат е истото она што го покажува и овој текст - потребата од размислување и филозофирање (не во пежоративната смисла на зборот) во времиња кои изгледа како да ги анулираат ваквите активности во корист на најприземните, „варварските“.

Илина, Букбокс

28 јули 2020 - 14:46