Букбокс читанка

„Огнената азбука“ од Бен Маркус

Дистописки роман од 2012, кој има врска со пандемија и вирус. Овој пат извор на заразата се децата, а жртви нивните родители.

„Не ме труј со такви муабети“, знаат да си кажат партнерите, пријателите, децата на родителите. И ова не е само метафора. Изреченото знае да има исцелителен, но и „трујачки“ ефект, да направи моментално да ни се слоши, или да остави трајни емоционални лузни.

Во романот „Огнената азбука“ (The Flame Alphabet) јазикот е буквално отровен, а се однесува на детскиот и тинејџерскиот говор: нивните зборови, но дури и самиот звук на нивните гласови. Лицата на родителите под влијание на овој акустичен вирус постепено се смалуваат, тие омалаксуваат, како некој да им го цица животот. Притоа децата не мора да имаат лоша намера, иако повеќето од нив, соочени со ненадејно стекнатата моќ, намерно ги заразуваат татковците и мајките, а откако овие ќе подлегнат на јазичните повреди, продолжуваат да талкаат во групи низ градот и да ја трујат околината.

Главни ликови се Семјуел, жена му Клер и нивната ќерка Естер. И покрај екстремните околности тие си го сакаат детето, но очајно се обидуваат да си ги заштитат и сопствените животи и чувството на „нормалност“. Едно од радикалните решенија е да ја жртвуваат Естер, која би можела да биде затворена во карантин заедно со други млади и деца, сè додека не пораснат. Но наместо тоа, тие одлучуваат да се борат до крај за нивната мала заедница.

На помош е повикана религијата, јудаизмот, која поради нешто во книгата е забранета, а верниците слушаат проповеди кои се пренесуваат преку подземна мрежа. И ова е буквално: под колиби изградени во шума или на друго тајно место, луѓето сами или во парови го слушаат рабинот како држи намерно неразбирлив говор низ дупка во земјата врз која се става направа за засилување на звукот. Една од пораките, која е разбирлива во контекст на книгата е - бидејќи со комбинирање на буквите од целата азбука се добива Божјото име, и оттаму сите зборови реферерираат кон Бог, самиот јазик не е создаден за човечки потреби. Луѓето само го вулгаризираат, измачуваат и злоупотребуваат, и на крај самите страдаат од него. Ова особено важи за помладите, кои ја загубиле врската со традицијата и предците, и кои со нивниот јазик не само што не можат да го премостат, туку и дополнително го длабат јазот помеѓу нив и претходните генерации.

Ситуацијата е сериозна, и доколку научниците и надрилекарите не успеат да изнајдат „вакцина“ и лек тогаш целиот свет е осуден да замолкне. Човештвото е самото виновно што не ги послушало предупредувањата на старите мудреци - Маркус цитира голем број извори кои укажуваат на „отровниот збор на детето“ (Плиниј) или на изложба од 1895 која вклучувала „колиба за детоксификација од деца“. И покрај вложените напори не успеавме да ја потврдиме веродостојноста на наводите, кои најверојатно се фиктивни, смислени така за да делуваат како документарни.

Семјуел, по совети од своите верски лидери, пробува на себе и на сопругата експериментален лек. Целиот опис на процесот е толку неизвесен и мачен, што станува самиот по себе „отровен“ за трпението. Но со секоја страница станува поочигледна намерата на авторот - читателот да го почувствува низ текстот истото она што го чувствуваат ликовите во книгата, но истовремено низ читањето да се обиде да „оздрави“, на парадоксален начин низ јазикот да се победи самиот јазик.

„Ништо не се нарекува со своето вистинско име. Доведени сме до степен на непрецизен јазик кој мора да биде одново преведен. Дури не ни преведен. Уништен. Повторно изграден. Повикот е за нов код, нов начин на пишување, метод на пренесување пораки кој би ја заобиколил токсичната азбука, хемиски отровниот говор кој сега го користиме“, вели еден од мудреците во книгата. Токму поради ваквите пасуси и генералната идеја на книгата таа треба да се прочита, без оглед што, иронично, самиот чин на читање е контраиндикативен за истата.

Mузичка илустрација:

Илина, Букбокс

5 мај 2021 - 16:06