Букбокс читанка

„ХАУС И ФИЛОЗОФИЈА: СИТЕ ЛАЖАТ“ зборник текстови

Во Гинисовата книга на рекорди, издание од 2012., „Д-р Хаус" е прогласена за најпопуларно телевизиско шоу, со 81,8 милиони гледачи во 66 земји. 

„Тоа ми е апсолутно неверојатно", изјавил Хју Лори, „и тоа само заради тоа што ликот и приказните се толку вербални. Не мислам само технички, туку и во однос на идиомите и метафорите. Навистина не знам како успеале некои од идеите да ги преведат на турски". Неговиот колега, пак, Омар Епс, кој го игра доктор Форман, доживеал исто толку необично искуство - на некое речиси пусто островче во Италија луѓето да викаат по него - 'Еј, докторе!'.

Овој понеделник беше прикажана последната епизода од Хаус, која траеше осум години и исто толку сезони. Истовремено, тоа е единствената серија која успеала да ме држи на столче повеќе од две-три епизоди, и тоа - признавам - исклучиво заради циникот со (навидум) студено срце и натпросечна интелигенција, кој е сè што еден популарен ТВ лик не би требало да биде - самобендисано манипулативно копиле, чии ментални предизвици се хиерархиски надредени на благосостојбата на неговите пријатели и пациенти. За Вајкодинот и да не зборуваме.

Ама Хаус е кул. И кога свири пијано, и кога мисли дека епилептичните напади се интересни за гледање, ама досадни за дијагностицирање, и кога демек наивно прашува дали е нелегално да се изведува аутопсија на човек што е уште жив. И особено кога гледа онака продорно, со тоа плавите очи. Како Сократ и Шерлок Холмс, и Хаус се пали на загатки.

Ама тука не завршува дијазeпамот..пардон, дијапазонот на неговата поврзаност со одреден (филозофски) светоглед. Авторите на текстовите во „Хаус и филозофија" – дел од Блеквеловата серија за филозофија и поп култура која содржи книги како „Фемили гај и филозофија", „Металика и филозофија" или „Офис и филозофија" – наоѓаат врска помеѓу неговиот лик и дело и оние на Сартр („Хаус и Сартр: Пеколот се другите луѓе"), Ниче („Има ли Супермен во просторијата: Ничеанска гледна точка"), па дури и на зен будистите („Звукот на ударот на еден Хаус: необичниот доктор како зен реторичар"). Некои од нив, пак, ги анализираат највпечатливите карактерни особини на докторот, како „Хаус и доблеста на ексцентричноста" или „Љубов – единствениот ризик на кој Хаус не оди". Сепак се одлучив за извадок од текстот насловен „Логиката на погодувањето кај Хаус и Шерлок" од една едноставна причина – како што завршуваше серијата со првиов, така почнав да ја гледам онаа на Би–би–си за вториот. И така некако се утешив. Иако Шерлок не е ни оддалеку толку небричен, згужван и немтур ко Хаус. Што е секако негов минус. Врската помеѓу двата лика секогаш била очигледна – тие во последните епизоди, на Хаус од осмата, а на Шерлок од втората сезона, исто и завршуваат, со лажно самоубиство, и заради пријател. Не се тие толку без душа, ај ти...

Во специјалната епизода Swan Song, во која е прикажано снимањето на финалната епизода на Хаус и се прави преглед на осумте години, има и посебен блок наречен The House of Holmes, во кој и на двајцата им се припишува опсесијата со „уметноста на решавање загатки". За една дијагноза тој сепак никогаш немаше дилеми. It's never lupus.

***

ИЗВАДОК ОД КНИГАТА „Д-Р ХАУС И ФИЛОЗОФИЈА“

„Логиката на погодувањето кај Хаус и Шерлок"
Џеролд Џ. Абрамс
(професор по филозофија на Универзитетот Крејтон во Омаха, Небраска)

Името на д–р Грегори Хаус комбинира три од славните фиктивни детективи на сер Артур Конан Дојл: Шерлок Холмс, Џон Вотсон и Тобијас Грегсон. Вотсон и Холмс се исто така базирани на два реални медицинари – самиот Конан Дојл бил доктор, кој со обожавање, исто онака како што Вотсон се однесува кон Холмс, се однесувал кон д–р Џозеф Бел, од Кралската болница во Единбург, чиј карактер, профил и магични моќи на детекција преминале на Холмс. Потелото на Грегори – името на Хаус – е малку потешко за откривање, но тоа се содржи во првата авантура на Холмс, A Study in Scarlet, во форма на детективот од Скотланд Јард, Тобијас Грегсон. Холмс му вели на Вотсон дека Грегсон е „најбистриот од сите во Скотланд Јард", и тој му ги носи на Холмс најтешките случаи, оние кои не може да ги реши, исто како што Кади му ги носи најтешките медицински случаи на Хаус кога никој во Принстон–Плејнсобро нема поим за што се работи.

Помеѓу сите паралели помеѓу Холмс и Хаус најважна е онаа која се однесува на методологијата. Обајцата ги сметаат нивните логики за дедуктивни, и обајцата прилично грешат. Сите големи фиктивни детективи ги сметаат нивните методи за дедуктивни, но повеќето главно се занимаваат со проверка на претпоставки или обично погаѓање. Ако Хаус и Холмс навистина употребуваат дедукција, тогаш нивните заклучоци би биле без грешка и без провери, бидејќи во дедукцијата, ако премисите се вистинити, тогаш заклучокот мора да биде точен. Но за разлика од Шерлок, кој на Вотсон му вели дека во неговата работа „нема простор за грешка", Холмс никогаш не одрекува дека постои елемент на претпоставка во неговиот метод, и покрај постојаните напади од Кади, како во овој пример:

Кади: Не смееш да препишуваш лекови само врз основа на претпоставки. Тоа не се прави барем од времето на Менгеле.

Хаус: Ме споредуваш со нацисти. Фино.

Кади: Го прекинувам третманот.

Кади всушност греши, и тоа два пати. Лекарите постојано препишуваат лекарства врз основа на претпоставки. Таа исто така греши кога ја изедначува неетичката медицина со недостаток на дедуктивна валидност. Сета медицина, етичка или неетичка, и сета наука на крајот на краиштата, е конечно работа на претпоставки. Хаус го знае ова, и исто така знае дека она што навистина ја нервира Кади е недостатокот на доказ кој би го потврдил неговиот метод. Но за разлика од неа тој го прифаќа ова како суштина на медицината – повторно, и покрај неговата погрешна проценка дека методот му е дедуктивен.

Хаус: Никогаш нема доказ. Пет различни доктори даваат пет различни дијагнози засновани на истите докази.
Кади: Ама ти немаш ниту еден доказ. И никој ништо не знае, а? И како тоа ти си секогаш во право?
Хаус: Не сум. Само тешко функционирам со обратната претпоставка. И зошто ти е толку страв од правење грешка?

Методот и на Холмс и на Хаус е сличен: тие почнуваат со „мислење наназад", од последица во сегашноста, трасирајќи го нејзиниот развој во минатото, долж континуум, барајќи ја причината. Грешките при овој начин а мислење се можни заради тоа што еден ефект може да биде објаснет преку бројни причини, и притоа не е можно дедуцирање на вистинската. Тоа мора да биде направено со погодување.

Формалната верзија на „мислењето наназад" е развиена од американскиот филозоф и основач на прагматизмот Чарлс С. Пирс, кој овој метод го нарекол „абдукција" (грабање, киднапирање), и го дефинирал точно според логиката на претпоставувањето. Тој изгледа вака:

Се набљудува изненадувачкиот факт В
Но ако А е точно, тогаш В би се подразбирало
Значи, постои причина за сомневање дека А е вистина

Значи „абдукцијата" има три чекора: прво, изненадувањето, аномалијата. Медицината се занимава токму со нив, како што тоа го посочува и самиот Хаус („Докторите ги сакаат аномалиите" – епизода Прифаќање). Соочен со аномалија, Хаус се обидува да го објасни нејзиниот извор, кој по правило би донел до неа. Кој потенцијален образец во природата, или културата, би произвел ваков резултат? Мислејќи наназад во времето, од последиците кон причините и обратно, Хаус ја избира најверојатната причина, и потоа наредува да се извршат тестови за да види дали е во право. Секако, ова е само претпоставка. И тој можеби греши. Но дури и да греши, тој барем има нова информација, и може да направи подобра претпоставка следниот пат.

(...)
Елементарно е, моја драга Камерон

Од сите цитати во Шерлок Холмс, најпознат е секако „Елементарно е, мој драг Вотсон". Сите го знаат. Проблемот е што Холмс никогаш го нема кажано тоа. Сепак, би можел да го каже, со оглед на неговата навика да го навредува спориот Вотсон. Хаус го прави истото со неговиот тим. Но сепак е најсуров со Камерон, која го сака. Тие еднаш одат на вечера, и Камерон сака да разговара. таа мисли дека тие можат да бидат заедно, само ако тој се потруди. На крајот на краиштата, таа знае дека на некое ниво тој ја сака. Но на Хаус му е јасно дека тие не можат да бидат заедно. Така, наместо романтичен разговор, тој сурово ја поставува неговата дијагноза, директно и безмилосно, како Камерон да е легната на болнички кревет, а не дотерана за интимна вечера. Таа е скршена, и се заљубува во скршени мажи – ги третира како нејзини проекти. Сега го одбира него, бидејќи и тој е таков.

Како што ја слуша нејзината дијагноза, таа знае дека е точна. Но она што таа не го знае, и она што и Хаус не го знае, е зошто тој е скршен. Не е во прашање недостаток на љубов или болка во ногата, па дури ни зависност од дрога. Тоа се симптоми, не причини, и освен тоа Хаус беше Хаус и пред „смртта на мускулот" на неговата десна нога. Сепак неговата болест е логична, и прогресивна и дегенеративна. Колку што станува подобар рационално, толку му станува полошо физиолошки. Едноставно не може да сопре – колку и Викодини да џапа не може да се ослободи од неговите брилијантни моќи. Вистинската трагедија на Хаус е токму тој разум, среде умот на луд гение кој, како и сите луди генијалци, мора на крајот да се самоуништи.

(превод И.Ј.)

25 мај 2012 - 00:00