Букмаркс - нов сајт кој препорачува книги врз основа на професионални критики

Кога е во прашање филм е лесно: одиш на imdb или на Rotten Tomatoes, пребаруваш по жанр или по кратка содржина, евентуално ги гледаш оценките, и одлучуваш кој филм да го гледаш. А каде да одиш за книги, а тоа да не биде Амазон?

Литерари Хаб, сајт посветен на новости, есеи и извадоци од областа на литературата, го лансираше Букмаркс, кого го нарекуваат „Ротен томејтос за книги". Разликата од начинот на кој тука се агрегираат критики и оценки се разликува од оној на Амазон, па оттаму барем на прв поглед сајтот изгледа покорисен и поиздржан (се разбира ако ви значи мислењето на други - кои и да се тие други - кога се во прашање книги).

Критиките кои се собираат се напишани од професионални критичари (што главно подразбира дека тие книги се нови), а ним им се доделува оценка во форма на буква според англиската абецеда (А- најдобро, B - многу добро итн.). Во моментов информациите се собираат од 70 релевантни медиуми кои имаат рубрика за книжевна критика, од Њујорк Тајмс, до блогови како The Millions. Услов за една книга да влезе на Букмаркс е на кои и да е од овие медиуми да се појават барем три критики во врска со неа.

Читателите исто така се добредојдени да учествуваат со своја оценка, но главниот акцент е на професионалните критичари, кои имаат одговорност да ја проценат вредноста на некоја книга во контекст на нејзините современици, но и во контекст на историјата на жанрот. Сепак, дали некоја книга е оценета со 5 или 3 и не би требало да е толку битно, колку разбирањето како одредено дело се вклопува во поширокиот опус на некој автор или кои други книги го инспирирале.

Така, препораката за „Генот: интимна историја" на Сидарта Мукерџи, добитник на Пулицер за неговата претходна книга „Царот на сите болести", Б+, е базирана на вкупно 13 осврти, правејќи од неа „најжешка стручна книга на сезоната". Притоа се наведени кратки извадоци од три извора (Њујорк Тајмс, Бостон Глоуб и Вашингтон Пост), од кои може да се добие впечаток за што станува збор во неа.

Колку ваквиот начин на препорачување книги ќе биде „објективен" во однос на агрегираните оценки на корисници на Амазон или на корисници на други сајтови за препорака на книги, останува да се види. И професионалните книжевни осврти можат да бидат во голема мерка повлијаени од издавачите, а некои од нив, како познатиот Ајсак Фицџералд кој пишува за Базфид, одбива да пишува негативни критики со образложение: „Зошто да се троши здив зборувајќи лошо за нешто?". Тој го следи таканареченото правило на Бамби: „Ако не можеш да кажеш нешто добро, не кажувај ништо". Барем според оценетите книги кои се во моментов на сајтот на Букмаркс, нема оценка помала од наша четворка. Значи, имаме многу за читање.

8 јуни 2016 - 08:22