Бизарното сценарио на Ник Кејв за Гладијатор 2

Расел Кроу го замолил Кејв да напише сценарио за нешто што можеби, а можеби и не било сериозно земено предвид за продолжение на славниот филм на Ридли Скот, кое е планирано за 2024. Без оглед на тоа, текстот останува да сведочи за креативноста на мислата на музичарот-писател.

„Гладијатор“ од 2000 година на Ридли Скот, со Расел Кроу и Хоакин Феникс во главните улоги, доби пет Оскари, вклучително и за најдобар филм и за најдобар актер за Кроу. Се смета дека токму тој ги има етаблирано кариерите на голем дел од актерската екипа, и денес се вбројува во еден од најголемите историски епски филмови на сите времиња, актуелизирајќи го жанрот „меч-и-сандала“.

За една година од сега се очекува продолжение на истот филм, исто така режиран од Ридли Скот, овој пат со Пол Мескал и Дензел Вашингтон. 

Но пред двојката на Скот, Расел Кроу го замолил Ник Кејв да напише сценарио за продолжението. Не се знае дали Дејвид Скарпа, кој ја напишал верзијата на Скот, го прочитал сценариото на Кејв, но тука и така тешко би имало обвинување за плагијаторство. Затоа што работниот наслов на верзијата на Кејв била „Убиец на Исус“, неговиот гладијатор се бори во Виетнам, а римскиот император плаче затоа што неговата жирафа ја удира гром. 

Во интервју од 2013, Кејв објаснува дека идејата на Кроу, со кого добро се познавал, му дошла откако го прочитал сценариото за „Предлогот“ (The Proposition), кој Кејв го има напишано со Џон Хилкоут - австралиски вестерн кого Кроу го поддржал, но кој сепак не успеал да биде снимен. Тогаш паднала понудата за Гладијатор двојката, чија содржина накратко е следната:

Расел (Максимус) кој во првиот дел умира, е испратен во чистилиште од боговите, кои и самите умираат на небесата затоа што сега има само еден Бог, Исус, долу на земјата, кој станува многу популарен. Оттаму боговите го испраќаат Гладијаторот да го убие Исус и сите негови следбеници. На крајот се открива дека тој (Исус) е всушност син на главниот лик, што значи боговите го измамиле да си го убие чедото. Така тој станува вечен воин, а сето тоа завршува со 20-минутна воена сцена која ги следи сите војни во историјата, до Виетнам. 

Кога Расел бил прашан што мисли за текстот, неговата реакција била - „Не ми се допаѓа, мејт“. Но ова не значи дека Кејв не уживал пишувајќи го, бидејќи знаел дека никогаш нема да се сними. 

Целото (103 страници) може да се прочита тука. Почетокот е баш како од песна на Кејв. Врне и мрак нè облива...

16 ноември 2023 - 17:48