Кој е Блу Мобли?

Биографија на човек кој никогаш не постоел

Покрај сите (авто)биографии на славните кои излегоа оваа година (Тачер, Тајсон, Морисеј, Кеш, Черчил), една отскокнува по својот концепт. Затоа што иако по сè изгледа како детален животопис на реален човек, таа е сосема измислена.

„Живот посветен на книгите: подемот и падот на Блу Мобли" е илустрирана биографија на писател за кого можеби не сте чуле, но кој истовремено бил и еден од најпродаваните и еден од најкритикуваните на своето време. Во моментов лежи затвор и се уште пишува - до сега има точно 101 необјавена книга.

Ворен Лерер, писател, илустратор, дизајнер и пионер на полето на „визуелната литература" го измислил Блу Мобли пред осум години. Но кога ја промовира неговата нова книга посветена на овој лик, тој приказната ја почнува со тоа што се претставува како уредник/составувач на книгата, а не како нејзин единствен автор. „Објаснувам дека сум долгогодишен обожавател на делото на Блу и дека сум почестен и изненаден што тој ми дозволи да правам книга за него", вели тој.

Неговиот настап најчесто почнува со аудио запис на кој се слуша како Блу шепоти во диктафонот од мракот на неговата затворска келија. Иако снимката е со лош квалитет публиката често забележува дека гласот на Мобли е сличен со оној на Лерер. Целата приказна е како разгрането дрво од кое искрснуваат нови и нови подтеми - има 34 извадоци од книгите на Блу кои личат на кратки раскази, такви кои звучат како мемоарски записи или како прераскажување (од страна на авторот на биографијата) на делови од неговиот живот.

Блу е во затвор затоа што одбил да го открие името на заштитен извор кој му дал податоци за книгата која тој ја напишал за 43-тиот претседател на САД (Џорџ В. Буш?). Тој не проговорел девет месеци, но како Шехерезада сепак има потреба да ја раскаже својата приказна за да опстане. „Блу Мобли е како Курт Вонегат, кој јавно вели дека ќе престане да пишува, но едноставно не може да го стори тоа", објаснува Лерер.

Иако книгата која ја пишувал долги години години тукушто излезе, тој веќе планира нејзино продолжување, но со други средства. Во моментов работи на проширено издание во вид на апликација, а истовремено во тек е конкурс на кој заинтересираните можат да дополнат и продолжат некои од расказите на Блу чии извадоци се вклучени во книгата.

Голем број од читателите не сфаќаат дека Блу е измислен лик. Или е до талентот на Лерер, или едноставно границата помеѓу една фиктивна биографија на книжевен лик, и една реална, на постоечки човек, е прилично тенка. Кога би ги дестилирале сите фиктивни (замислени, измислени, додадени, лажно реконструирани, толкувани) факти од нашите сопствени биографии, веројатно би биле изненадени од тоа што ќе ни остане.

13 декември 2013 - 09:30