Апсурдноста на концептот на авторско право на банана залепена за ѕид

Дали реална банана залепена за ѕид може да биде заштитена со авторско право? А дали би можело да се каже дека авторот на оваа банана го копирал делото на друг уметник, кој исто така залепил банана, овој пат пластична, на зелен картон, и на тој начин му го нарушил авторското право?

Американски суд неодамна мораше да пресече во необичен случај, во кој уметникот од Мајами Џо Морфорд го тужел колегата-уметник од Италија, Маурицио Кателан. Морфорд тврдел дека делото на Кателан, „Комичар“, е украдено, односно дека е копија на неговите „Банана и портокал“. После многу повлечи-потегни, судијата пресудил во корист на Кателан: иако „Банана и портокал“ може да се повикува на извесни авторски права, „Комичар“ не вклучува ништо што нив ги засега. 

Ако самите „дела“ биле создадени како некој вид сатира или критика на елитистичката уметност, ваквите судски процеси и пресуди само додаваат на апсурдноста. 

Целиот случај, во сите фази, беше будно следен од уметничката фела и од медиумите. Се цитираа дефиниции во различни законодавства на тоа што е право на интелектуална сопственост, што е тоа „дело“, кој во правна смисла се смета за „автор“ и како законот ја дефинира оригиналноста, која е основа за авторското право.

„Оригинално“ во Европската Унија е она дело кое е „интелектуална креација на авторот“, а пак автор (според американските закони) не може да биде машина или едноставен механички процес кој дејствува случајно или автоматски, без каква и да е креативна интервенција на човечки автор. Сепак, во Британија е малку поинаку - за автор на дело кое е целосно компјутерски генерирано се смета човекот кој ги направил „неопходните подесувања“.   

Сето ова покажува колку знае правно да е комплицирано дефинирањето на авторското право не само врз пример на конкретно дело туку и кога станува збор за  идеја или концепт. Истовремено со процесот на рафинирање на правилата и на локално и на меѓународно ниво, се зголемуваат предизвиците кои ги наметнува генративната вештачка интелигенција, која и онака нестабилниот терен го прави уште полизгав. На 21 август оваа година американски суд во Вашингтон Ди-си одлучи дека уметничко дело создадено од вештачка интелигенција без човечко учество не може да потпадне под заштита на авторски права согласно американското законодавство. На одлуката ќе се жали компјутерскиот научник Стивен Талер, кој поднел апликација (не само во САД туку и во повеќе други земји) уште во 2018 за делото „Неодамнешен влез во рајот“, парче визуелна уметност генерирано од негов алгоритам. Апликацијата му била одбиена од Агенцијата за авторски права, по што тој ја обжали одлуката на федерален суд, сметајќи дека човечко авторство не е конкретен законски услов, а дека овозможувањето на копирајт за вештачка интелигенција би било во согласност со поентата на авторските права согласно американскиот устав - да „промовираат прогрес на науката и корисните уметности“. 

9 септември 2023 - 15:27