Aндерграунд супер-клуб каде музиката го одредува менито

Додека студирал музика, Филип Гелб имал јак ментор: големиот џез музичар Сем Риверс. Познат по импровизирањето, тој во едно њујоршко студио често знаел да собере музичари, за заедно да „џемуваат". Сега и Гелб го прави тоа, ама го комбинира искуството со храна, инспирирана од свирката.

По смртта на Риверс во 2011, Гелб одлучил да ја продолжи традицијата на заеднички свирки, но да направи нејзина гастрономска верзија. Неколку пати месечно тој во Сан Франциско ги отвара вратите на андеграунд клуб наречен „Звук и вкус" (Sound&Savor), каде организира интимни концерти со вечера за само 20 гости. Оброците на менито се исто така импровизација, и зависат од музиката која таа вечер ја свири бендот составен од искусни музичари.

Самиот Гелб свири шакухачи, јапонска флејта од бамбус. И покрај тоа што настапувал со познати имиња, тој не можел да заработи доволно за да врзе крај со крај. А единствената друга вештина со којашто располагал било - готвењето. Така, работите се споиле, па сега тој „компонира" и во кујната.

Една вечер, кога кај него во клубот настапил познатиот тромбонист Стјуарт Демпстер (еден од членовите на The Deep Listening Band, кој специјализира во изведби и снимање во високо резонантни простори), инспириран од негов соло албум снимен во катедрала (клип подолу), на кој тој свири само една нота која резонира, а потоа лепи „слоеви" врз неа, Гелб подготвил модар патлиџан Наполеон, со пет различни слоеви подготвени на различен начин, потоа поставени еден врз друг.

Репертоарот на Гелб е вегански, но разновиден. Неговиот готвач, „Белешки/ноти од подземниот ресторан“, финансиран со средства собрани на интернет е мешавина на мексиканска, кинеска и еврејска храна. Тој вели дека им пристапува на овие различни кујни исто како што им пристапува на различните музики - се обидува да се нурне во колку што е можно повеќе традиции.

Во текот на годините во клубот имаат настапувано 100 музичари од повеќе од 14 земји, од рапери до инструменталисти на кинеска лаута. Еден оброк обично чини околу 60 долари, а до сега кај него јаделе повеќе од 1000 луѓе.

„Подземните ресторани постојат одамна. Истото важи и за музичките клубови. Мешањето на едното со другото е релативно ново, и тоа е токму она што ние го правиме", вели Гелб.

31 мај 2016 - 17:19