49-те Индијци донесени во Британија во 19 век како дел од „жива“ изложба

Зимата 1885-1886 била една од најстудените во Лондон во текот на 19 век. Цевките биле замрзнати во палатата Алберт во лондонскиот Батерси парк, изложбена сала која во моментот била дом на луѓе донесени од Индија да учествуваат во живо „индиско село“.

Рекламната поставка во Албертс палас од 1885, која вклучувала инсценација на „индиско село“, била организирана од стоковната куќа Liberty&Co.'s East India House, за промоција на нејзиниот оддел за ориентални антиквитети. На групата од 49 луѓе кои дошле во Англија во ноември, и поминале долг поморски пат за да учествуваат во спектаклот, им било ветено дека ќе работат четири часа дневно, и дека ќе им бидат покажани сите знаменитости на Лондон. На мажите им биле понудени 75 рупии месечно, на жените 25, за шест месеци престој во вештачки конструираното село, со опција за обнова на нивните договори и аудиенција со кралицата Викторија. Истовремено, им било дозволено да примаат бакшиш од посетителите.

Стоковната куќа била формирана десет години порано, во 1875, од страна на Артур Ласенби Либерти. Тој бил опседнат со секакви „ориентални“ предмети - персиски теписи, керамика, индиско ковано железо, кинески фенери, жад, лакирани орнаменти и пердуви од паун, кои подоцна ќе бидат препознатливи мотиви на компанијата Либерти. Бил близок и со голем број радикални уметници и дизајнери од тоа време, кои биле одговорни за креирање на ткаенини кои и денес се популарни (на пример „Крадецот на јагоди“ од 1883, на кои се прикажани птици кои колваат јагоди од неговата градина), врз основа на ориентални мотиви. 

„Либерти“ станало место каде се одело да се биде виден и да се види, егзотично место за викторијанските купувачи, магичен свет на најфини свили и други артефакти асоцирани со кралските походи, имагинарно колонијално искуство.

Спомнатото вештачко село во Албертс палас одлично се вклопувало во овој концепт. 49-те Индијци биле бирани така да бидат од различни делови на Индија, од различни касти и религиска припадност. Од професии имало танчарки, ткајачки на свила, резбачи на сандалово дрво, златари, акробати, музичари, борачи, грнчар и еден производител (и свирач) на ситар.

Но по успешното отварање следела лошата зима, а организаторите кои сето ова го склопиле по барање на Либерти се соочувале со финансиски потешкотии. Донесените Индијци биле измамени - не им биле дадени ни основни услови за живот, за да можат да ја преживеат зимата. И не само луѓето, се мачеле и донесените животни. Триесет кобри на магепсникот на змии Шејк Имам умреле. Една од причините зошто не им била давана потопла облека на овие луѓе било што така тие не изгледале „автентично“ - необичен бил погледот на азиски тип глава со британска капа, или зглоб украсен со ѕвончиња ставен во зимска чизма. 

Во февруари 1886 селаните протестирале пред локалната полиција, но наместо да излезат во пресрет на нивните барања, вработените во Алберт палас ја укинале поставката, престанале да ги хранат измачените Индијци и им ги укинале платите. Лондонски адвокат со индиско потекло, Нанда Лал Гош, собрал група локални Индијци и Британци за да посредува за нивните права. Во сама Индија весниците промовирале фонд кој собирал пари за враќање на нивните сограѓани. Еден член на трупата умрел. На крај сите биле испратени назад во Индија, а нивното враќање го следел весникот The Times of India. Кога пристигнале во Бомбај биле без пари, и им биле дадени по пет шилинга - не баш голема сума која не била доволна ни за да стигнат до своите живеалишта. Така завршила нивната британска „авантура“.

извор

17 јуни 2020 - 21:18