100 години од раѓањето на првата југословенска режисерка

Софија „Соја“ Јовановиќ режирала многу пред (само) трите колешки кои до сега го имаат добиено Оскарот - Кетрин Бигелоу, Клое Жао и Џејн Кемпион. Во Југословенската кинотека во тек е изложба посветена на нејзиното театарско и филмско творештво.

„Соништа во боја“ е тековна изложба во Кинотеката на Југославија, посветена на филмографијата на Софија Соја Јовановиќ, родена на 1 февруари 1922 година во Белград. Била првата југословенска и српска театарска и филмска режисерка. Нејзината поставка на „Сомнително лице“ на Нушиќ во Академскиот театар во 1947 бил прв обид на модерно толкување на Нушиќ. Заслужна е за процут на Белградско драмско позориште во годините по Втората светска војна, а меѓу другите на театарската сцена ги поставила Бертолд Брехт и Артур Милер. 

Но понеобично за времето во коешто живеела е што снимала филмови. Прва била екранизацијата на „Сомнително лице“, следувале „Поп Ќира и поп Спира“, „Пат околу светот“ и „Орлите рано летаат“ по делото на Бранко Ќопиќ. Сепак, за нејзино капитално дело се смета серијата „Осма офанзива“, копродукција на ТВ Белград и Сараево од 1979. Таа претставува синтеза и екранизација на два романа на Ќопиќ - истоимениот и „Не тагувај, бронзена стражо“, според кој драматизацијата ја направил Арсен Диклиќ. 

Серијата ја опишува колонизацијата по Втората светска војна, кога на крајот од четириесетите од руралните подрачја на Босанска Краина, Лика, Кордун и други места, во 114 испразнети села и гратчиња на подунавските Шваби во Бачка и Банат се преселени речиси 250.000 луѓе, што засекогаш ја променило етничката и културолошка структура. 

Режисерски се работи за две паралелни но испреплетени нарации, низ кои Ќопиќ делува повеќе како Чехов, кога ги опишува судирите на градското и провинцијалното, горското и рамничарското, идеолошкото и традиционалното. 

„Осма офанзива“ е епопеја за поствоената миграција после која веќе никогаш, ништо не се враќа на старо. Иако Антун Врдољак во 1959 ќе сними филм со слична содржина, „Воз без возен ред“, сцената во серијата на Јовановиќ кога Крајшниците од полуотворените товарни вагони последен пат ги посматраат слаповите на Уна, се смета за антологиска. Во неа се одразува и семејното наследство на Соја, „окото“ за деталите - нејзиниот дедо бил дворски фотограф, а и други членови на семејството биле уметници. Успевала модернистички да пристапува на своите теми, спротивно од владеачкиот соцреализам, и тоа не само што било прифатено туку било и наградувано. За „Поп Ќира и поп Спира“ во 1957 ја освојува Златната арена во Пула. 

Починала на 22 април 2002 година, а по неа денес е именуван мал плоштад кај пазарот Калениќ.    

извор: Белградско „Време“

7 април 2022 - 11:01