Кајмакоски мајсторе, ти си Панчев!

Тамам ќе си рече човек „еве бе, недела е, сончева убава, ќе си прошеташ низ парк пар саати, ќе пиеш еден ајран и ќе си го одгувееш денот до крај јер понеделник сакал-нејќел се загрева утре да те расшиба во сите пози", кога види чудо - читаш една недоволно добро развиена идеја од општо добро и ти е туга јер не ја домозгале до крај генијалците позади неа. А е нешто од национален интерес!

Како таква, нормално, не земаш веднаш да ја ставиш во џубокс, туку и даваш простор да си потлее малку во вулканските предели и регии во кои човек ја перцепира туѓата генијалност. Понеделник и половина голтка после првото кафе, ми доаѓа пред очи целата слика. Нема што, се работи навистина за кардинално важен нов импут кој има потенцијал да ја промени нашата реалност комплетно.

О чему се ради?

Еве ви го насловот на веста која ме потресе: „Кајмакоски ќе ги мотивира и промовира фудбалските репрезентативци на Македонија". Сериозно збунува, нели?

Првата прашање кое му ја стресе стативата на секој радознал спортољуб е следното: „Како ли само Даниел ќе ги мотивира фудбалските репрезентативци?". Па нив ако није им дан не може да ги измотивира ни Џена Хејз која пред утакмица ќе им вети дека ако не изгубат како маалски фраери ќе им ги задоволи орално табаните со помош на ливадски мед.

Фала Богу, следи дообјаснување за сите заинтересирани:

Поп-пејачот Даниел Кајмакоски ќе биде претставен како промотер на фудбалската репрезентација на Македонија на денешната прес-конференција на која селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Бошко Ѓуровски, ќе го објави списокот на играчи на кои ќе смета за квалификацискиот меч за Евро 2016, против Луксембург, кој ќе се одигра на 9 октомври на „Филип Втори".

И тука одма ти станува кристално јасен планот за светска доминација на Македонија па почнуваш да навиваш: БОШКО БЕ, ТО БЕ БОШКО БЕ, ПА ЗЕМИ ГО ДЕТЕТО ДА ИГРА БЕ БОШКО! Стварно, селекторе, искористи гужва на прес-конференцијата и најави дека Кајмакоски ќе ни биде адутот во овие квалификации. Гушни го и запеј му „а кадеее бееее-шееее...“, давајќи му дрес и копачки. Најави и дека кога ќе игра Даниел, ако има некоја хитна свирка Илчо Наумоски може да пее наместо него, а неколкуте пензионери како Пандев и Тричко би улетале на припомош ако е некој спектакуларен концерт во прашање. Сè за Македонија.

Ту мајкуму, ќе си речеш откако ќе се изнаурлаш доволно колку да те чујат сите селектори низ целиот свет, а фреквенцијата на твојот разкајмачен вокал ќе изрезонира и до некои комшиски Ѕвезди каде некои вонземјани точно во моментов размислуваат каде да го поминат наредниот летен одмор. Ту мајкуму, ќе си речеш и ќе се зачудиш како не им текна порано да го земат талентираниот Стружанец/Мислешевчанец (да не речам и Охриѓанец, дан се увредет комшииве) во секој случај нај-оригинал Македонец во составот на репрезентацијата? Да ги „мотивира фудбалерите и да ја промовира селекцијата?" Па тоа една промоција кога ќе удри, ФИФА и УЕФА има со акламација да не прогласат за постојана членка на финалните турнири, како што се Британија, Германија и скандинавските земји на Евровизија.

На мојата радозналост, одговорот доаѓа во наредниот пасос:

„Кајмакоски, чија фотографија со репрезентативците беше објавена од ФФМ по поразот со 1-5 од Шпанија на првиот квалификациски меч..."

СТОП, СТОП! Ахааааа, така значи кучиња! Значи требаше да изгубиме од Шпанија за да се свести некој дека вака веќе не може и дека НИ ТРЕБА ПЕЈАЧ! Па до кога со ваков аматеризам ФФМ? Нормално дека ни треба пејач бидејќи... (пази сеа)

...ќе биде вториот музичар промотор на македонската селекција по Влатко Стефановски. Лидерот на култната група Леб и сол беше претставен во истата улога од страна на ФФМ, но досега немаше некои конкретни проекти во кои беше вклучен извонредниот гитарист."

Жими несериозноста ваша од која патиме сите фудбалфили. Жими сите мали инфаркти кои сме ги кркале кога ќе ни ја отворат одбраната како пред пораѓај. Па досега немало ангажмани за извонредниот гитарист во македонската фудбалска селекција? За Влатко Стефановски немало место на терен? Мислам, како е можно? Зошто тоа се дозволило и дали некој ќе одговара за седнатиот на клупа Стефановски? Да го пуштевме Патакот со тоа гитарата во напад против Шпанија ќе имаше сигурно неколку фантастични соло продори.

Кајмакот од друга страна е најголемото засилување засега во новиот костур на репрезентацијата. Дечкото е еден од ретките Македонци кои имаат победено во Белград сами (тоа не се случило од времето на Панчев) и кој може да им игра симултанка на силните Срби. Откако ќе ги намотивира и испромовира фудбалерите (а не му признавам за завршена работа ништо под трето место на Европско, доста со петтите и четвртите места) им го пуштаме на кошаркарите, па ракометарите. На сите селекции на кои им треба мотивација и промоција, мала топла прегратка од нежниот глас на побендикот на Икс-Фактор кој ќе резонира околу буренцата во кои се чува адреналинот.

Губиме 0-2? Тренер, ставај го Кајмако во игра. Влегува и застанува на половина терен, започнува да х'мка некоја од Ерос Рамацоти, за малку жабарски дух во играта и консолидација на одбрана. Потоа му ја додава на Влатко кој започнува едно долго соло, тамам доволно време за Даниел да си попее на кратко со три-четворица најмузикални фудбалери кои помотивирано ќе ги започнуваат наредните напади на Македонија. Кога ќе наближиме до голот, Даниел ќе ја рече „Зајди, зајди", голманот на противничката селекција ќе се стопи од убавина и ќе биде лесно да се даде гол. Откако Влатко ќе го заврши солото, афкорс. Публиката ќе скандира „Кајмак мајсторееее“, многу логично.

Откако ќе го освоиме европското, одиме на мундијал. Е за таму, ќе ни треба малку помош. ФФМ ќе мора покрај извонреден гитарист и одличен вокал, на селекцијата да и набави, за тотална мотивација, и басист, саксофонист и ритам-гитара.

За тапанар не е проблем, во и околу репрезентацијата ги има многу.

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT

29 септември 2014 - 14:58