Исповед 13

Ми значи...

Има некои работи заради кои ги сакам Балканот и Македонија, и има други работи заради кои доаѓам во искушение да фатам џаде. Сума сумарум, оние првите сè уште претежнуваат на кантарот и останувам да си живеам во родната ми земја. Не дека е нешто подобра од другите, ама моја си е. 

Има некои работи заради кои ги сакам Балканот и Македонија, и има други работи заради кои доаѓам во искушение да фатам џаде. Сума сумарум, оние првите сè уште претежнуваат на кантарот и останувам да си живеам во родната ми земја. Не дека е нешто подобра од другите, ама моја си е. Земјата се трудам да не ја поистоветувам со политичката власт, и така ми е полесно да ја поднесувам и сакам. И сега, и отсекогаш. Е добро, што има толку за сакање? Просто е, има работи што ми значат а не може да ги најдам никаде другаде. Да наведеме неколку.

1) Ми значи да седам во скопска кафеана, на маса со кариран чаршаф на коцки, со стаклена пепљара и две-три дупки од цигари на чаршафот. И ми значи да имаат турско кафе и ѕидарско пиво. Каква е таа кафана каде нема турско кафе? Па нели името и е кафана (кафеана) а не капучиноза? Или еспреса? И сакам да ме служи возрасен келнер, потстрижан и со бела кошула... а не како во Менада, да не знаеш кој е што... кога нарачувам таму првите два-тројца ми викаат – "Не работам тука". Последниве години почна нова мода, по кафаните и кафичите да има само мало пиво и секакво кафе освен класично турско, и тоа не ми штима. Ама ич.

2) Ми значи понекогаш да се провозам со градски автобус од црвените, сега и на спрат, да си седам на столче и да ги гледам лицата на обичниот народ: замислена жена како отсутно гледа низ прозорецот, насекиран ученик што го стиска ранецот в скут, баба што се враќа со кесиња од пазар, друштво тинејџери што зборуваат гласно и се смеат за нешто, дедо со бастун кој се мурти оти никој не му станува од прва, луѓе што влегуваат на задната врата и се шверцуваат... На градски автобус се навикнав уште кога бев студент и имав слободна, и навиката ми остана до денес.

3) Кога одам Охрид, ми значи да седнам во Рибниот од сабајле, и да порачам рибина чорба со макало. Чорбата е само декор, главно е макалото. Како ли го смислија тоа соединение од лук, лимон и масло. Не знам, ама многу е вкусно – и се мачка на леб - а и го јадам два-три пати годишно па не може да ми преседне. Инаку, откако човек ќе апне такво нешто поарно му е да не се меша со луѓе и евентуално да си се дружи дента само со оние што го јаделе истото утрината, инаку чудно ќе ги вртат главите и искривуваат вратовите при каков било близок разговор.

4) Кога одам Битола, ми значи да седам на Широк Сокак и да ги гледам битолчани како дотерани се корзираат. Особено летно време, кога има битолчанки што шетаат со темни цвикери и одат по корзото со кренат нос, и кога има постари луѓе со бели шешири и бела премена на улица. Еј мори моме, како да ти речам...

5) Во Скопје, кога ќе тргнам пешки од дома до плоштад, ми значи кога ќе сретнам 4-5 познати патем и ќе се поздравам и разменам по некој збор со секого од нив, па тоа растојание од еден километар го одам саат време. А кога ќе тргнам од Скопје за некое подалечно место, Преспа или Малешевијата да речеме, ми значи по патот да застанувам во секое трето населено место и да се видувам со пријателите што ми живеат таму. Оти за мојов досегашен век освен што имам роднини стекнав и пријатели што сакам да ги посетувам а живеат во: Велес, Градско, Кавадарци, Виница, Блатец, Робово, Пехчево, Берово, Делчево, Струмица, Радовиш, Подареш, Побожје, Маврово, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Брајчино, Дупени...

6) Сакам да шетам по пазарите низ Скопје, особено Зеленото и Бит-пазар, и да го гледам шаренилото по тезгите. А ако купувам нешто сакам и да се ценкам, колку за спорт и надмудрување. Одам и по пазарите низ другите МК градови, кога сум таму и кога е пазарен ден. Ми значи кога ќе видам мачки како ѕиркаат од контејнер, и куче скитник што го хранат станарите од некој влез, и деца како џагорат и си играат на улица, и сакам кога во парк ќе видам мајка со дете, или дедо со внук фатени за рака.

7) Ми значи и што си имам свој автомеханичар и своја забарка, што може да си ги гледам зградите на школото и гимназијата во кои сум учел, и што имам многу пријатели и тамам роднини а немам шринк – и не дај Боже да почнеме кај такви да одиме на исповед.

Ова се само некои од убавите и допадливи работи заради кои останувам да живеам каде што сум роден, а за оние другите што дури и на овие години ме тераат повремено да размислувам за емигрирање – не би пишувал сега. Се задржав на првите а не и на вторите, оти кај нас главно за сè се пишува негативно, и како сè нешто ни фали, а се забораваат добрите нешта, како да се помалку вредни или како да се подразбираат. И како другаде сè да е добро а тука сè малер. И не викам дека тука е подобро од каде и да е, ама тука најмногу сум свикнал и добро ми е. Понекогаш баш. Понекогаш така-така. Па дури и пакоста и злото на мојот народ најлесно ги поднесувам – зашто ми се најдобро познати и знам што да очекувам. И мислам дека така е со секого. И на Австралиец треба да му најдобро во Австралија, а не кај нас. Ако дома не ти е арно – каде ќе ти биде? На гости кај некого? Ако куќата во која живееш не ти чини, гледај поправи си ја колку што можеш – и не се загледувај во туѓи куќи.

 

 П.С. Оп, ќе заборавев за  малку. А најмногу ми значи македонскиот јазик. Заради него своевремено донесов одлука да се вратам од Лондон, оти сфатив дека на ниеден друг јазик не можам да се искажам како на својот, а зборовите ми беа и ми се многу битни. Се сеќавам, беше 13. јуни 1993. Да. И бев среќен кога решив така. Сега гледам дека тоа било на 50-годишнината од смртта на Коста Рацин. Интересно. 

17 јуни 2013 - 10:42