Модна Азбука

Џеки Кенеди, Грејс Кели и Лејди Ди

Никогаш посебно не ми се допаднала Лејди Ди(ор). Џеки не би ја купила зашто не ми е соодветна со стилот. Ама за Биркин би му ја продала душата на ѓаволот.

Ташните ми се најслаба страна кога се работи за аксесоари. Посебно сакам да ги знам нивните приказни. И верувале или не, култните, оние кои не поминуваат од мода имаат нешто посебно, понекогаш нежно, понекогаш страствено, понекогаш многу тажно.

Од сите овие легенди, онаа за Лејди Дијана е сигурно нajсовремена. Произведена по нарачка на Барнедет Ширак, тогашната прва дама на Франција, Лејди Диор е правена специјално за Лејди Ди во 1995 кога англиската принцеза оди во посета на Гран Пале во Париз. Кожата е обработена со ефект карнаж-преплетување на ромбови и крстови, препознатлив за францускиот мега бренд. Мене ме потсетува на фотеља. Формата е правоаголна и минимал, а на рачките ригорозно ѕвечкаат четирите букви на Диор. Ја има во сите масла, мала или шопер, сјајна или мат и во сите видови на кожи. Омилена на Пенелопе Круз, Сара Џесика Паркер и Дита Вон Тис, Лејди Диор во минативе петнаесетина години си го заработи местото на една од најпосакуваните ташни.

И рекламните кампањи се на висока нога, како што и наликува на една ваква ташна со заштитни лица како Моника Белучи и Карла Бруни. Ако треба да дадам лично мислење, (земајќи во предвид дека моете мислење е сосема небитно) Лејди Диор ми изгледа прилично панаѓурски.

И Гучи си има жена-ташна. Џеки Кенеди, после смртта на Џон Кенеди се премажува за грк чиешто презиме е Оназис и во тој период, во крајот на шеесетите години, секогаш ја носи малата шопер ташничка на Гучи која во деведесетите го добива својот рестајлинг и неизбежно е крстена Џеки О. во чест на некогашната Прва Дама.

Тотално во Гучи стил, направена од канвас, со илјадници G, и црвено-зелениот детал, оваа ташна стана извор на имитација за многу останати помали и поневажни брендови. Во деведесетите, кога Том Форд е дизајнерскиот гуру на Гучи, Џеки О. се препородува и добива сосема нов дух кој сепак верно ја следи трапецоидната форма на овој култ.

Од сите жени, и жени ташни, мене омилена ми е Кели. А приказната поврзана со името на оваа ташна е најинтересна. Ќерка на босот на сите модни босови, Кели на Хермес е Госпоѓа Ташна.

За прв пат ја произведуваат браќата Хермес во 1935 година, но пред да го добие името Кели поминуваат дваесетина години, кога Грејс Кели ја употребува за да ја прикрие бременоста од папараците. Фотографијата го шета светот и од тогаш оваа ташна која се раѓа како ташна за лов, станува мастер пис. Денес една Кели чини минимум пет илјади долари, а Викторија Бекам има колекција од Кели од најексклузивни кожи како ној, алигатор или гуштер.

За изработка на една Кели му требаат на еден работник 18 часа, а за алигаторската верзија се потребни цели 2 алигатори. Ексклузивноста на Кели е дадена и од фактот што постојат долги листи на чекање кои понекогаш бараат и година две. Во 2000, Дима, наследникот на Хермес, ја дизајнира и Quelle Idol- Kelly Doll , симпатичната кукла ташна со раце и нозе. Ако ја сонувате Кели, може во секое време да го даунлодирате дизајнот на вашата омилена од страната на Хермес и да си ја направите сами дома од хартија.

Како Кели во педсетите и шеесетите, Биркин е ит-бег симбол на осумдесетите. Според приказната, Џејн Биркин во еден лет на релација Париз-Лондон се погодила рамо до рамо со Жан Луис Дима, (истиот од прееска) и се пожалила дека не може да најде ташна која е доволно голема, но истовремено и елегантна. Галантниот Дима и ветил дека таа ташна ќе биде измислена. И така се раѓа легендарната Биркин на Хермес која чини од шест до педесет илјади долари, а Викторија Бекам има потрошено и деведесет за една од нив со дијаманти.

Листата за Кели е смешна во споредба со онаа за Биркин која може да стигне и до пет години. Биркин е често во рацете на Џулија Робертс, Кејти Холмс и Кели Озборн, Џенифер Лопез и на кој уште не.

Омилена приказна ми е онаа за Шанел 2.55, ама таа има цела историја, цел живот и цело детство на Коко Шанел во себе и ќе ја оставам за некоја од следните Станици.

Иако со најголема веројатност, информацииве нема да ви го сменат денот, понекогаш е убаво човек да се прочита нешто што нема да го изреволтира, да го налути, да му ги смени ставовите или да го замисли. Останете кул и за алигаторите, зашто модата е неблагодарна жена. А ако некој има намера да отвори дебата и да збори како е неморално да се трошат толкави пари на неопходни предмети, нека не се ни обидува, зашто мене вакви муабети не ме интересираат. Како за креветите, така за џебовите. Ич не ми е галје кој на што ги троши. Некој патува, некој ги коцка, некој ја помага Африка, некој ги штеди, некој ги пие, некој ги јаде, некој ги краде, некој Биркин.

Еден Биркин поздрав за пријатен викенд!

До следната Станица,

Емили, Скопје

emabela@yahoo.com