Видео

Портпарол, мејкинг оф

Една вентрилоквистка, еден доброволец од публика и една маска. Тоа е сè што треба да пореметите јавен идентитет на еден човек (запазете само како му се разликува говорот на телото од она "што го зборува"). Пишурија која неодоливо потсетува на настапите на некои македонски портпароли.

WTF?

Како може да дознаете дека сопственик на еден папагaл обожава да гледа a) вести; б) бизарни клипови од интернет?

Снимка со тежина

Во последниот филм на Скорсезе "Hugo" има еден ужасно долг кадар сниман со ужасно тежок стедикем. Ги имаме двете видеа, како изгледа таа сцена во филмот и како изгледа "во живо". Пробајте да ги синхронизирате.

Јас сум ОК, ти си ОК

Џими Кимел го има најјакото обезбедување на свет. Решил да ја реметат жената така што секој дента ќе и прави "да пукне". А таа - неприкосновена господарка на дружељубивоста! Или можеби е со нерегулиран престој па си вика: Ќути жено, може овде е така.

Басот на Макартни

17 минутно видео за тоа како се прави Хефнер вилинскиот бас, оној што го познаваме по Пол Макартни (а го свиреа и Тина Вејмут од Talking Heads и студискиот цар Роби Шекспир). Рачно, занатски, со љубов, со знаење. Бтв, еден наш локален мајстор за инструменти го прашале како се прави ќемане. Тој им рекол: Еми, фанеш едно дрво, извадеш сè што не е ќемане и - остане ти ќемане! 

Спрингфилд 2014

Знаеме дека животот ја имитира уметноста ама мораше ли на нашиве животи да им се паднат баш Симпсонови? Во Спрингфилд доаѓа скулптурата на Давид од Микеланџело. Загрижените мајки (Марџ им е потпарол) оценуваат дека ремек делото е максимално вулгарно и дека треба да му се облечат фармерки. D'oh!

Битката за хуморот

Пренапалени активисти (за која било кауза) знаат да бидат најдосадните тролови на планетава. Не опасни, не одвратни, туку баш така, досадни. Затоа што она што прво им го убива каузата (национална, сексуална, асексуална) е смислата за хумор.

Гордон Ремзи на носилки

Еден од најпознатите готвачи на светот, Гордон Ремзи, на некој добротворен натпревар во Англија. Против него, легендарниот Теди Шерингам, кој во 25 години кариера нема направено ваков фаул.

Радио драма: Star Wars

На 31 март 2012-та година, едни од најдобрите гласовни таленти на планетата Земја се собраа за да ја оживеат трилогијата Star Wars. Саат и и дваесет минути, тотално уживање во една фантастична радио драма.

Deus ex motika

Иако поштуеме добра тепачка (нема ништо подобро од добар нокаут, освен можеби Тифани Томсон), главно на сајтов не ги објавуваме, да не се напнуваме непотребно. Правилото важи - сè додека на наидеме на ваков удар! Прецизен како ласер и неминовен како божја казна! Бам!!! Топаловиќи би рекле: Убиј ѓубре!

Сакаме вакво!

Нам глупите никогаш не ни е јасно што може ново да се смисли на светов. Ќе не препознаете по тоа што стално прашуваме: Леле, бе, што ќе им биде следно? И после, кога ќе го извадат тоа "следно", викаме: Да беее, како не ни текна! Е па, не ни текна затоа што сме глупи. Да, имаме видео "од едно следно".

Запросување со спот

Уште едно јавно запросување на кое и најголемите мрчатори (=оние кои поседуваат универзална дефиниција КАКВО ТРЕБА ДА БИДЕ запросувањето) тешко ќе му најдат мана. Шармантно, амбициозно и весело! Да сум жена, вака би сакал да ме запросат. Само со друга песна, да ги видам сите можни блиски како ми глумат спот на Марјан Стојановски.

Ова не е трејлер

Обожавател го замолува Бил Муреј да му даде автограм. Овој го одбива, и наместо тоа се согласува да глуми во неговиот краток филм.

На полека

Без резултати, без победници, без шампиони, без губитници, без дискфалификувани. Спорт, пуштен на полека.

Неделата низ трејлери

Неделава имаме филм за еден претседател и неговата девојка, уште еден Бонд, филм за тоа како настанал култот на Скиентологија, Големиот Гетсби и документарец за силувањата во американксата армија.

Кечапов е зејтин

Научници од МИТ произвеле некаков лубрикант за подмачкување шишиња кој, без разлика на густината, на течностите им овозможува совршено да лизгаат. Проценка на пазарниот потенцијал на нивниот изум - 17 милијарди долари.

Најстрашната дрога на светот

Документарецов е нешто како најстрашниот маалски мубает што некогаш сте го чуле. Почнува со потрага по најстрашната дрога во светот (во Колумбија), продолжува со приказни за вистински случаи, па сведоштва на луѓе, до (за малку) пробување на дрогата. А има и интересни ликови по пат. По видеово, Авганистан ќе ви изгледа како детска градинка во која нонстоп делат бајадери.

Синан он мај мајнд

Ова беше неминовна историска средба. Беше само прашање на денот кога двата сензибилитета ќе се намирисаат, ќе сфатат дека се слични и ќе пробаат заедно. Босанскиот музичко - текстуален чемер го среќава едвај- чекам- да- се- натажам американски блуз. Персонализирано: Дарен Џонс ја пее "Ej, oткад сам се родио" од Синан Сакиќ. Место на средбата: Њујорк (отпосле дознаваме, наш Апостол да ти бил вмешан во сето ова).

Кодекс на новинарите

... да не гледа, да не забележува, туку да угодува, на шефовите мисли да им чита, ништо да не прашува туку да знае, што сака газдата да чуе, па ќе напредува...

Од љубов до зјапање

Сте го гледале The Men Who Stare at Goats? А мора, ако за ништо друго тогаш заради Џорџ Клуни и сцената со "sparkle eye technique". Туку, вака некако почнале јунаците на филмот?

Тренинг спот за хумор на своја сметка

Тоа што мислиме дека милион евра за ограда на мост е ретко глуп потег, не значи дека ќе си ја стегаме душата да споделиме дека "туристичкиот серијал" ни е баш ок. Оние со Словенецот кој го глуми Стив Ирвин така - така, ама онаа со тренинг центарот е тотално по наш ќеиф. Затоа што способноста да се зезаш на своја сметка е основа на секој здрав хумор, особено националниот. И заради Мони Дамевски кој е маестралeн во спотот.

Вујко Дру

Го земаш првиот пик на драфтот 2011-та и дебитант на годината во НБА, Кајри Ирвинг, го маскираш во старец што мрчи (дека на дечурланава им биле важни само патиките и слично) и им го пушташ на некои маалски додека играат баскет. А сето ова го снимаш под алиби дека правиш документарец за некој друг маалски играч (Кевин - внукот).

Сме го јаделе

Пред легнување, запамтете си ја околината бидејќи наутро може да биде поинаква. Кинезите дигнале зграда за само 9 дена. И доцнеле 8 дена!