Видео

Луѓето кои херојски бранат печени прасиња

Интересен и поучен експеримент во Бургер Кинг, прилично индикативен за човековата природа. Луѓето имаат изострен инстинкт да се побунат ако некој им ја „измалтретира“ нивната порција. Кога истото тоа му се случува на човек (во случајов момче) во нивна близина, мнозинството главно нема проблем со апетитот.

Знам каде живее твојата мачка

На јавни хостинг сервери постојат 15 милиони фотографии тагнати со „маче“. Овој проект се ограничува на еден милион слики од кои можеш да дознаеш во која куќа живее сопственикот само затоа што бил горд на своето маче па решил да сподели фотка од него.

Ко те има, тај те нема Ф1 болид

Иако со квалитетни информации (пример како лежат возачите на Ф1 додека возат) и со одлично изведен разговор меѓу водителот и гостинот, главниот лик на видеото е Ф1 болидот на Мерцедес. Технички болидот не е таму, тоа што ќе го видите на клипот е компјутерски генериран болид, и ќе мислите дека измислуваме.

Правила и богати

Ако треба во едно видео да го сведеш избегнувањето данок од ултра богатите мултинационални гиганти, ова е тоа.

Кимел традиционално ги порази децата на Америка

Пак истиот предизвик од Кимел до родителите, да им ги земат сите бомбони, чоколатца и какви сè не благца што маливе ги собрале претдходната вечер по куќи, и да им кажат дека ги изеле. Родителите пак повеќе од волни да соработуваат со Кимел против родените деца.

За чистењето токсини

Логиката е дека систем кој милиони години еволуира, се штелува и адаптира, и е поставен така што во секоја негова нова верзија треба да се пренесуваат само подобрените и унапредени функционалности и можности, зависи од тоа дали ти ќе купиш нешто за да му помогнеш да се прочисти и спаси од токсини. Од друга страна па, зошто некој би стоел на патот на вашата клизма?

Брзи и бесни и Швеѓани

На шведската пошта, Постнорд, редовно и фалат најразлични пратки од поштенските камиони. За да не обесуваат со години, овој камионџија нè краде, оној камионџија нè краде, решаваат кај пратките да монтираат камери. И стварно не краделе камионџиите, туку нинџи, или како и да се викаат луѓе што можат да се качат на камион што се движи со 80 км/ч, да отворат врата, да влезат во приколка и после сè да излезат и да затворат како ништо да не било.

Чудесијата заради која Холандија не е под вода

Во 1953 на Холандија и се случува масовна поплава која ја потопува дотогашната холандска заштита од поплави. Загинуваат над 2.500 лица (спроед Википедија), а поплавено е речиси 9% од вкупното обработливо земјиште во Холандија. По ова Холанѓаните се зафаќаат со изработка на Делта проектот, кој е прогласен за едно од новите Седум светски чуда.

Аниматорот

Се вика Ник Мареј Вилис и цртањето не му е толку силна страна колку што му е наоѓањето перспектива што ти не ја гледаш и тоа да го искомбинира со анимација. Еве го на тема филмови и на тема фудбал.

Да му ги немаш маките на Зукерберг

Ќе го учиш, ќе го пазиш, ќе го носиш на курсеви и семинари за човечко понашање, и ќе го седнеш пред камера за на крај пак да ти каже дека најтежок момент во живот му бил кога одбил 1 милијарда долари. И како после луѓе да не веруваат дека е робот?

Другарите се познаваат кога си досаден со инстаграмот

Само вистински другар ќе ти влета со вилушка во јадењето што пробуваш да го сликаш за на Инстаграм, затоа што прво, никогаш нема да станеш фотограф; второ, многу мерак се прави на оваа страна. Муш!

Хрватската модуларна маса ги собра парите за производство

Момците од Славонија на Кикстартер бараа 30.000 долари за почеток на производство на масата. Собраа 35.000 илјади. Идејата зад која парите ги ставија над 100 луѓе е маса составена од модули (коцки) кои се распоредуваат како што на тебе ќе ти текне или ќе ти треба во канцеларија или соба.

Харелсон се напафкал за да го издржи Трамп

Вечерале заедно пред 15 години. „Поголем нарцис немам видено“, се сеќава Вуди Харелсон кој морал да излегува и да пали џоинт од што Трамп не се трпел.

Земјата не е ни тепсија. Баклава е.

Све тоа фино, ама и покрај тоа што на првата меѓународна рамноземјашка конференција (бидејќи е во Америка, на другите континенти се локални) главно ќе се збори за тепсијата ко главно оружје во борбата против глобалистичкиот модел, на првата линија на фронтот на истражувањата искочи - баклавата. Земјата е рамна 3Д баклава во непоимлива 4Д (или 11 или 23, бирајте математичка теорија) вселена. Кој досега не полудил, време му е.

Животот е кинески другар

Имаш човек што мисли дека знае магија и што мисли дека има другар. Греши и за двете работи.

Адоуб покажа морничаво добра видео магија

Лани Адоуб извади морничав „Фотошоп за аудио“ што на видео снимка додава аудио кое никогаш не е кажано. Годинава го прикажа ProjectCloak, алатка која комплетно отстранува кој било објект од какво било видео. И работи непријатно добро.

Насмевката на Јашар

Јашар не е нешто посебно талентиран но се смее на начин кој го прави ѕвезда. Таман.

И лудите треба понекогаш да се слушаат

Денес во Холивуд ќе најдете многу просветителки кои ги охрабруваат жртвите на Вајнстин да проговорат (иако сите признаваат дека ги знаеле муабетите и пред да пукне скандалот). За истиот предатор некој предупредил уште пред 12 години. Кортни Лав, 2005-та.

Либералите го поддржуваат Трамп

Само треба да им кажеш дека реформите на даночната политика кои им ги читаш се на Берни Сандерс. Во тој случај, сè што е всушност на Трамп, кај оваа лоботомирана „авангарда“ проаѓа мазно.

Класа реклама за канабис

Канабисот пројде непотребно долг пат за нејзина рехабилитација во очите на јавноста. До пред неколку години мнозинството се ужаснуваше од нејзиниот непостоечки пекол (сè се тоа дрогаши), за денес да се прават вакви, најстрејтерски, скапи и пицнати спотови.

Војводата и сердарот

Се знаеле многу години и многу филмови имале заедно гледано. А нас многу нè чеша да ви откриеме кому Харви Вајнстин (и Џенифер Лоренс) ќе му доделат награда, но штом го слушнете името, конекцијата меѓу него и Харви ќе ви добие на квалитет.

Наци, геј, Евреј

Приказната за Кевин Вилошу, кој уште во 80-тите беше еден од најбитните фигури во радикалниот фашистички Национален фронт на Велика Британија. Цели 40 години од својот живот Вилшоу поминува во некаква политичка омраза - расна, националистичка, хомофобна... Сè додека не собрал сила да признае дека е Евреј (делумно) и геј (комплетно).

Повторувањето е мајка на музиката

Пред некој месец Винс Стејплс го објави својот втор албум и за дивно чудо, еден од најголемите хитови стана песната чиј текст оди вака: Boy yeah right, yeah right, yeah right (Boy yeah right, yeah right, yeah right) Boy yeah right, yeah right, yeah right (Boy yeah right, yeah right, yeah right) Boy yeah right, yeah right, yeah right (Boy yeah right, yeah right, yeah right) Boy yeah right, yeah right, yeah right (Boy yeah).

БиБиСи Аналогна

Како изгледа кога една таква куќа ќе почне да штеди. Некогаш носеа ајпади, сега му фукнале топ хартија А4, да има што да држи во рацете.