Видео

Зошто кертриџите за принтер се толку скапи?

На кратко: застарена технологија и многу алчност на компаниите. За сето ова да остане како што е, производителите на принтери вложуваат многу во заштита на своите производи од користење генерички бои. Краен резултат на сето ова, секој пат кога ќе ти се потроши бојата поефтино е да купиш нов принтер отколку нови кертриџи.

1000 музичари, Рејџ Агенст Д Машин // Killing In The Name

„Бендот“ прв пат го видовме кога се собра во Чезена за да ги покани Фу Фајтерс на концерт во Италија. Сега веќе целиот проект тера турнеи и прави свои концерт. Ова е нивната верзија на РАТМ.

Сите да си дочекате вака да ги резилите своите тинејџери

Како тинејџер видеото од мајка ти како се прави интересна да стане вирално, веројатно е врвниот срам што можеш да го доживееш. Како возрасен, тоа ќе биде видеото на кое ќе покажуваш колку биле интересни твоите. Нормално, за мајката и едното и другото се ќар.

Православие се трпи, ама поповите тешко

Човекот службено се вика игумен Фотиј и од пред некое време не е дел од руската православна црква. Видеото не се препорачува на луѓе што во скоро време имаат закажно крштевка или планираат да закажат. П.С. секоја чест на воздржаноста на родителите.

Ти пази на дишењето, јас отидов

Ние сме последните кои ќе проповедаме јога но ова што го зборува упатениов ни има логика. Како да го скротиш брбливиот мозок? Така што ќе му дадеш некоја работа, на пример да го пази твоето дишење.

Богот на Авенџерс монтажите

Дечково, Гуга Леунам, успева махерски да ги искасапи сите Марвел филмови само за да си го направи меракот и да ја добие веројатно најдобрата тепачка што некогаш се случила во Марвел универзумот. Тоа што го има направено е велелепна монтажа.

Бела Чао се враќа дома

Кога ја објавувавме Веитсовата верзија, рековме дека песната „малку ни ја огадија фејкерите кои со неа на своите медени усни го крчеа својот пат кон државното ухлебување“. После цела оваа калакурница, сигурни сме дека ниеден од тие шупци веќе не ја пее Бела чао па можеме на раат да си ја пуштиме нашата омилена верзија, онаа на КУД Идијоти, од албумот чиј наслов пасент одговара на таа калакурница: „Ние сме овде само за пари“. 

За некоја година и овој ќе фати да рекетира

Суштеството ги има сите предуслови еден ден да доживее како пола влада му доаѓа на теревенка, како новинарски величини напуштаат семејни ручеци пошто на суштеството му дошло да свика колегиум и да не редиме уште, пошто џабе ќе се изнервираме.

Билдериштa вс. рибиштa

Има некоја риба што се вика голијат групер (голијат затоа што знае да порасне над 350 кила) која се води како најтешка риба за вадење од вода на трска (така барем тврдат луѓево). Од друга страна се оние едни што се палат на најтешки работи.

Не е Русија за спиење по ливади

Ако може да нарачаме спиење би сакале од тоа што го добил тој вториот. Исто така, овие со камерата можеа да бидат малку повознемирени околу целата ситуација што се развива пред нив.

Може ли денешен велосипедист да преживее етапа од првиот Тур де Франс од 1903?

Првото издание се вози во 6 етапи во кои требало да бидат покриени 2.428 километри, или околу 400 километри по етапа. Денес има 21 етапа / 23 дена, етапите се далеку пократки, но вкупната должина на турата е подолга. За разлика во вселенските примероци на велосипеди што ги имаат денес, тогаш се вози на велосипеди што се најблиску до поштарски точак. Двајца велосипедисти ќе се обидат да ја повторат првата фаза од првата трка, на точак од 1903.

На точак, со поглед

И ти возиш точак, и Брајан Рајнер вози точак, ама не е исто (и не е секогаш само до точакот). Рајнер е на маунтајнбајк патека на Тахити, и многу, многу не и се плаши, а би требало.

Татко и ќерка

Лидер на една бразилска банда пробал да избега од затворот маскиран како неговата 19 годишна ќерка која му дошла во посета. Со тоа што „маскиран“ е мал збор за ова. Знаевме дека ќе се појави друг сурат а сепак потскокнавме.

Гренланд се топи, ваистину се топи

Снимката е од населбата Кангерлуссуак на западниот дел од најголемиот остров на светот. Населбата не е по ништо посебно фасцинантна, освен по тоа што се наоѓа на 50 километри од Арктичкиот круг, а пред некој таму беа измерени 22 степени Целзиусови.

Њујорк стои во место

Ако го снимаш Њујорк со 960 фрема во секунда, личи како времето да застанало за тие луѓе. Кај нас истиот ефект се добива со нормален број фремови.

Не можеш ти со нив

Кога сликаш група луѓе, позната е командата со која треба да се натераат да се насмевнат. На англиски е „Cheese“, на српски „Птичица“, а на македонски „Кај се стиска бе ова?“ Не е лесно ако групата е составена од овие модерниве, високо сензибилизирани офтики.

Видео со шофер кој крева раце од волан заради селфи

Мал пример за тоа како лошите и трауматични искуства влијаат врз нашата перцепција на она што го гледаме. После трагедијата со Дурмо турс, срце застанува на вакви призори. Слично како што стрепиме од Заев во секоја прилика кога ќе почне да отвора уста.

Како вашиот производ станува бренд

Во брендовите се вложува многу посветеност, пари, трпение и упорност бидејќи тоа е невидлив капитал кој се носи со себе и кој на производот му ја дава неопходната дополнителна вредност. А може и вака:

Улцињ памети

Може е условен рефлекс, може е траума од детството, а може е и само фино воспитување. Како и да е секој присутен, речиси севернокорејски синхронизирано, знаеше како е редот. Снимено пред некој ден на плажа во Улцињ.

Глупи сме од што се мислиме паметни

Одлично видео со еден стар пример од Витгенштајн, за тоа колку ни е ограничен умот и колку тој и интуицијата знаат да нè зезнат и на едноставни проблеми, а не па кога се работи за комплексни прашања од политиката, етиката и слични области. Муабетот е, не правете фетиш од своите ставови, ко да сте го фатиле Господ за јајца.

Ако ви се нервира за некој друг, изволте

Човеков сака да знаете дека е професионалец и дека ова го работи 13 години. Да не беше гајтанот за струја никој од нас немаше да го дознае тоа.

Балкан со Шведска се избива

Кога објавуваме дилајли кои пукаат додека пеат и слични балканштини, имаме чувство дека им нанесуваме бол на одредени свилени елитистички кругови кои се гадат од контрастите на ова поднебје. За некако да им се оддолжиме, им го нудиме овој традиционален шведски танц, да го пробаат некој пат на своите збиранки, за да покажат дека и овде може да се има високо скандинавско ниво. Само напред дечки, пикањето глава во нечие меѓуножје и онака веќе е навежбано.

Чорбата што крчка 45 години

Некаде 1973-74, Тајланѓанка во кафана во Бангкок става во казан да се прави говедска чорба. Три генерации подоцна нејзините наследници (жената уште е жива и здрава, фала на прашање) се уште служат од истиот казан и од истата чорба.

Исправање на една историска неправда

И покрај целото наше натежнување накај рок музика, и малку поблаго накај метал, чувствуваме дека до сега не сме одвоиле доволно простор за - деткор метал. Ако сакаме ова да се поправи, а сакаме, зошто тоа не би почнало со Аца Лукас.