Разно

Живот, предупредувачко видео

Дали на некој од овие би им значело нешто ако им објасниш дека тоа што им се случи е само лоша среќа, и нема никаков причинско-последичен однос со нивното постење во космосот?

Како МоМА ја виде Југославија

Предмети и (слики од) згради од поранешна Југославија под наслов „Бетонска утопија“ некое време беа изложени во њујоршкиот Музеј на модерна уметност (МоМА). Ние знаеме како го имаме доживеано и изживеано сето ова, дај да видиме странциве што викаат.

Какво време дојде, да не можеш...

Џереми Корбин прописно го наеба во парламентот откако за време на една тирада на Тереза Меј, во брада си прокоментира нешто што звучи како „Глупа жена!“ Подоцна, тврдеше дека рекол „stupid people“ а не *stupid woman“. Е, така веќе може.

И рибите сити, и пивопиите на број

Додека многу луѓе го поганат својот дел од светот чекајќи некој голем спас (ЕУ/НАТО, враќање на Исус и слично), на истиот тој свет „фајн тјунинг“ му прават некои ситни генијалности. На пример, она пластичето кое држи пакет пивски лименки, зошто да не биде нешто што ќе можат да го јадат оние кај кои тоа и онака ќе заврши?

Елон Маск, без булшит

Со години речиси консензуално беше нарекуван генијалец и визионер за оваа година да ја почувствува и злобната страна на славата, која беше покрената од неговите  каприциозни твитања, пушењето трава и други небитности. И самиот има кажано дека „2018 беше најболната година во мојата кариера.“ CBS извлекоа многу добро интервју, во кое доаѓа до израз неговиот карактер, без оние генерализирани булшит одговори.

Ози мен рецензија на 2018

Човекот се зафаќа да зборува само за негов сектор - вирални видеа и настани, и тоа без некое посебно подредување, туку на прва, како му дојде. П.С. и на него не му е јасно што ТикТок.

Стоп-моушн филигранство

Дури и само правењето на филмот да се земе како критериум „Isle of Dogs“ е неверојатен подвиг од филм. Што е толку подвиг? Целиот филм е изработен во „стоп-моушн“, па на пример само на сцената со сушито која трае минута и пол, се работи цели 32 дена. Мрдни, сликни, стоп, мрдни, сликни, стоп, мрдни, сликни и така 32 дена. Ова е тајмлапсот од составувањето на таа сцена.

Кинески клик-фарми никогаш не престануваат да воодушевуваат

За што служат клик-фарми? За кликање на што и да посакаш и платиш. Од лајкови на ФБ и Инстаграм, до следбеници на некоја од социјалните мрежи или прегледи на видеа и страници, и работи на кои не ни ни текнува дека би можеле да се направат. И Кинезите ова го имаат издигнато на индустриско ниво.

Што беше лесно со Меркел

Уште не ни помрдната од кабинет, Меркел веќе почнува да зафалува, за сега само на тв спикери кои не мораа да прават јазични акробации секој пат кога го изговораат името на германската канцеларка. Сега со Анегрет Крамп-Каренбауер сè се менува.

Како личи кога комичар одговара за стари вицови

Дури и да тргнеме на страна колку е феил на комичар да му се фаќаш за вицовите, како за луѓе што застапуваат најширок можен спектар на промени што може да ги направи некој човек, правдољубивите багри кои му ја скинаа оскаровската тезга на Кевин Харт баш и немаат некоја верба во лично созревање, напредок и промена кај комичарите.

Крајот на човештвото никогаш не изгледал толку спокојно

Стефан Фостер 8 години патува низ Грендланд, и осум години нема една причина за радост. Меракот е што гледа величествена природа недопрена од човек. Проблемот е што гледа како истата оваа природа се топи и ја снемува пред негови очи заради зла направени на сосема други краишта од планетава.

Нечии омилени 25 филмови од 2018

Не мора сите да ги гледате, не мора сите да ги знаете, не мора ни сите да ви се допаѓаат. Кога сме веќе тука, не мора ни видео обројувањево да го изгледате. Ама па би било штета да го пропуштите. Традиционално од Дејвид Ерлик.

Многу руски клип

Состојки: стара Лада; запален багажник; брзина од 60 км/ч; едно 40 метри летање од рид; замрзнато езеро; бројни другари и познаници кои грижливо ти фаќаат сеир и те снимаат што правиш.

Кратко упатство за сланина

На толку корисни работи што се изнакажа човеков, веројатно најдолго ќе ни држи тоа дека само што дознавме дека постои професија „експерт за сланина“, и тоа многу ни менува во животот. Исто и сланина од мисирка не е сланина!

Ништо се постигнува со форсирање велосипедисти да носат кацига

Точно дека носењето кацига го прави возењето точак побезбедно, ама има многу ама околу темата, па целата работа не е ни приближно црно-бело. Во основа решението е со две точки: 1. велосипедисти треба да носат кацига; и 2. никој не треба да тера велосипедисти да носат кацига ако не им се сака.

Мовембер кога си пубертетлија

Дечко неколку месеци пушта брада и уредно секој ден (или скоро секој) се фотографира за да го забележи напредокот. И после зборете за упорност...

Само Блек фрајдеј луѓенца

Традиционално и годинава Блек фрајдеј не разочара сликовито да претстави дека човек е подготвен да убие, или барем да спружи некого на патос, за добар попуст.

Кинезите утепаа со брзите пруги

Пред една деценија, Кина имала една брза пруга долга 30 килметри. Десет години подоцна има повеќе од САД, Јапонија, Франција, Велика Британија и остатокот од светот - заедно! И тоа не е најфасцинантниот податок во прилогот кој следува. Чудесии! Додека наш човек се реши меѓу Европа и Русија, Боргиве ќе го освојат светот.

5 нијанси објаснување

Ајнштајн викаше дека ако не можеш некому едноставно да му објасниш некоја работа, тогаш и ти не ја разбираш баш најдобро. Ова е интересен концепт: како една иста идеја да се објасни на пет нивоа на комплицираност. Од петгодишно дете па нагоре.

Ние и Улан Батор, збратимени во градите

Улан Батор дели ист проблем со неколку македонски градови. Не бре, Мирко Субвенција не пушта и кај нив музика. За воздухот се работи. Нас нè дотепа фактот што откако го изгледавме ова драматично видео (дечиња по болници, градите им свират како дупнати хармоники), ѓаволот нè натера да провериме како тоа стоиме споредбено со Улан Батор. Тетовчани, запејте: „Во гради имаме ПМ за три светови“.

Диктаторско катче

„Туркменстанскиот претседател дига златен стап а објективната публика (членови на неговиот кабинет) знаат тоа да го поздрават со искрен и срдечен аплауз“. Секое дополнително инфо само ќе ја уништи магијата на вој видео клип.

Единствената причина зошто постои интернетот

Не беше интернетот замислен за бизнис и правење блесави милијарди долари, или поврзување на човештвото и унапредување на квалитетот на животот. Интернетот е само за вакви клипови.

Најдобрата мапа е онаа која се користи

Поедноставени и стилизирани мапи за подземните метро системи се прифатени во многу светски градови. Но, кога Њујорк решава да го следи тој пример, наидува на отпор од своите луѓе. Њујорчани инсистираат да ја користат „најлошата“, наместо онаа која се сметала за „перфектно“ дизајнирана.

Стигна софтвер за спикери

Метју Амроливала е спикер на Би Би Си. Од јазици зборува само англиски. Ама додајте му малку софтвер и ете го Метју как течно зборува шпански, мандариснки или хинду.