Совети од луѓе со стаж за давање совети

Луѓе на возраст над 60 години споделуваат дел од работите што имаат да им ги кажат на дупло помлади од нив. Што се однесува до нив ако сакате слушајте ги, ако не ним исто им се фаќа.

1. Луѓето секогаш велат "Гледај да најдеш работа на која ќе работиш нешто што сакаш!" Ама ова не е најсоодветниот совет. Правата работа е работа која понекогаш ја сакаш, во најголемиот дел од времето можеш да ја толерираш, а сепак да ти ги плаќа сметките. Речиси никој нема работа што ја сака секој ден.

2. Годините минуваат додека да трепнеш. Немој на млади години да влегуваш во брак. Живеј го животот. Шетај. Прави што ти се прави. Без разлика дали имаш средства или не. Спакувај ја торбата и оди каде што можеш да си дозволиш. Додека немаш некој што зависи од тебе, немој да купуваш работи. Какви било работи. Види го светот. Разлистувај списанија за патување и избери место. Оди!

3. Не го сфаќај животот премногу сериозно. Дури и кога работите изгледаат мрачни и безнадежни, обиди се да се смееш на тоа колку е апсурден животот.

4. Вистински пријател ќе дојде со трчање ако му се јавиш и во 2 часот наутро; сите останати се само познаници.

5. Најважниот човек во твојот живот е човекот кој се согласил да го дели својот живот со тебе. Така и третирај го.

6. Децата растат премногу брзо. Искористи колку што можеш повеќе од времето што го имаш со нив.

7. Никој никогаш не умрел посакувајќи да работел повеќе во животот... Работи напорно, ама немој да и даваш приоритет на работата пред семејството, пријателите или самиот себе.

8. Може ќе живееш долго, може ќе живееш кратко - кој да знае. Ама во секој случај, верувај ми кога ти кажувам дека ќе посакаш подобро да си се грижел за себе на млади години.

9. Ако си преплавен од животот, само врати се на сегашниот момент и впиј се што е убаво и смирувачко. Длабоко земи воздух, и опушти се.

10. Јади и вежбај како да си дијабетичар со срцев удар - за никогаш да не мора да станеш таков.

11. Еднократно сме на Земјава. Немој еден ден да се разбудиш и да сфатиш дека си наполнил 60 години и не си ги направил работите за кои си сонувал.

12. Можеби ова не е продуховено како останатите, ама мислам дека е важно - регуларно користи конец за заби, проблемите со забите се ужасни.

13. Немој ничиј совет да го сфаќаш како Свето Писмо. Можеш да прашаш за совет од некого кој го почитуваш, потоа земи ја предвид твојата ситуација и донеси своја одлука. Во основа, мојот совет е да го послушаш сопствениот совет...

14. Предмети се само предмети. Немој да се врзуваш со материјални работи, наместо тоа врзувај се со време и искуства.

15. Зглобовите што ќе ги оштетиш денес, подоцна ќе ти се одмаздат. Дури и ако мислиш дека комплетно си закрепнал. ВЕРУВАЈ МИ!

16. Би рекол да ги почитуваш малите работи и да бидеш присутен во моментот. Што мислам со ова? Ми изгледа како младите луѓе денес да бркаат само моментално задоволство. Наместо тоа, зошто не научиш да уживаш во секој мал момент? Ние нема засекогаш да останеме на оваа планета и најголемите задоволства можат да бидат најдени во најсекојдневните активности. Наместо испраќање порака, крени телефон и јави се некому. Јави и се на мајка ти, и разговарај за ништо посебно. Ова се моментите кои ги памтиш.

17. Плаќај ги своите сметки и не заглавувај со долгови. Ако можев да си ги платам на себе сите пари што сум ги платил за камати во животов, до сега ќе бев пензиониран.

18. Љубомората ги уништува врските. Верувај му на другиот, затоа што на кој друг би требало да му веруваш?

19. Ако сонуваш да бидеш или правиш нешто што изгледа невозможно, барем обиди се. Ова ќе стане само поневозможно со текот на годините како што старееш и почнуваш да се грижиш за други луѓе.

20. Кога ќе сретнеш некого за прв пат, застани за момент и сфати дека ти всушност ништо не знаеш за нив. Гледаш раса, пол, години, облека. Заборави на тоа. Ништо не знаеш. Овие субјективни претпоставки што ти се појавуваат во глава се затоа што твојот мозок сака категории, што го ограничува твојот живот и животот на другите луѓе.


Ако сакате да го чуете, и Баз Лурман сака да ви каже нешто:

15 септември 2015 - 14:40