Писма на малтретирани читателки

Постојано ве читам и сите содржини ми се драги. Би сакала само да се пожалам негде и да кажам колку во оваа држава нема никакви механизми за заштита на жената. Мојата случка е од вчера,  дејствието се одвива во автобус на ЈСП Скопје, бр.21.

Се качив на "Рекорд", куцам билет за едно возење, автобусот набрзо е преполн. До мене човек што ме зјапа без престан, го осеќам тоа, но не реагирам. Во еден момент ме допира неговата рака, се вртам и јасно му давам до знаење да не ме допира.

Се преместувам да стојам подалеку од него и од неговото видно поле, се пожалив на шоферот, тој вика ништо не може да направи. По кратко време човекон почна да вика на мене, да ме вреѓа, вербално да ми се заканува и малтретира. Никој и никако не реагира.

Притоа човекот е во алкохолизирана состојба, неизбањат, не носи маска ... јас во паника паралелно ја барам другарка ми па сопругот за на крај да ја добијам неа на телефон. Човекот веќе е спремен и физички да ме нападне и во повеќе наврати ми се доближува со вербални навреди со тоа што, освен јас што се тресам, никој ништо не прави.

Застанува автобусот на станица "Антико", ме чека другарката надвор, ја гледам и сакам да се симнам но манијаков ми застана на пат, стана шоферот за да можам да се симнам односно да го потргне него, со брзи чекори искачам и тој по мене трга, ама другарка ми што е покрупна го пречека па тој се врати назад. Автобусот замина а јас панично почнав да плачам.

Голготава продолжи кога од ЈСП ни кажаа дека камерите во тој автобус не снимале, значи не можат да го најдат лицево. Во полициска станица апсолутно ништо бидејќи немале слика од лицево што го пријавува, за на крај да ме направат крива зошто не сум ги повикала.

Сандра

ПС. Кога се јавивме во ЈСП, кажаа дека кога сум се пожалила, шоферот требало да ме затвори во кабината за да ме заштити и да повика полиција, за да го приведат лицето. Сè на сè, искочив со трауми и крива што сум жена.

8 февруари 2022 - 10:56