ДА РЕЧЕМЕ ПИСМО НА ЧИТАТЕЛИ

Да речеме дека ги имам ислушано сите досегашни #бомби. Да речеме дека една од нив лично ме засега. Да речеме дека тоа е баш последната, за копачење и делење парцели на Водно.

Да речеме дека јас ја знам работата уште од времето кога на Големо Курило (да, така се вика местото на Питу Гули) требаа да градат Петар Наумовски (да кошаркарот, сега што го спремаат за претседател на КФМ) и Азманов, дуото што ги изгради грдосиите после Панорама.

http://star.utrinski.com.mk/?pBroj=1096&stID=4288&pR=19 (Проблемот, како што веќе пишуваше ?Утрински", е во начинот на кој во ДУП за споменатата локација се вметнати спортски терени и резиденцијални објекти, што според оние кои работат на проблематиката од областа на урбанизмот и просторното планирање е сосем неиздржано, бидејќи станува збор за локација која е дел од Парк-шумата "Водно".)

http://star.utrinski.com.mk/?pBroj=1090&stID=3688&pR=3 (Инаку, само за појаснување, станува збор за парцела која е дел од оние 2 хектара, што Владата на Георгиевски на 13 септември минатата година му ги додели на кошаркарот Петар Наумовски. )

Да речеме дека не ми прави разлика дали тој што се изживува на мене е актуелен премиер, актуелен бизнисмен или неактуелен репрезентативец.

Да речеме дека не верувам во општонародно драње, линчување и собирање поени на сметка на оние што по некоја основа го јаделе стапот, и стигање до власт на нивни плеќи.

Да речеме дека верувам во искрени намери. Верувам дека има една поинаква патека по која може да се оди за човек (без разлика колку настрадан или не) да те сфати дека имаш искрени намери, дека стварно си од негова и дека стварно сакаш да му помогнеш.

Она што јас сакав (и ми требаше) да го видам во неделата или деновиве по објавувањето на инфото за плацевите е список на работи што јас би можел да ги направам околу тоа што го соопштивте. Список на работи со кои би можел да си помогнам на самиот себе, а по пат малку и за вас да изгребам нешто. Список на работи што ќе ми покажат дека стварно ви е до поправање на неправдите и грижа ви е за обесправените.

Да речеме предлози како:
- дојдете во Општина Центар и потпишете ја таа и таа петиција
- поднесете такво и такво барање до собрание на град Скопје за поништување на решението
- отидете во катастар и поднесете образец за враќање на оригиналниот ГУП / ДУП (или што и да е)
- пишете му на директорот на Катастар
- кликнете му лајк на Жерновски
- барајте ја правдата на вогонски суд...

Од вас ми треба "ритеншн" и откако ќе ја лупнете бомбата. Не мора првиот чекор после секоја бомба да биде "готово е, паѓаат, одиме на Влада." Не мора после секоја бомба да остануваме со впечаток дека целта е вие да дојдете на место на овие и дека вие само им одбројувате.

Дајте ни нешто нам, помогнете ни да си го решиме и нашиот и вашиот проблем, па макар тоа било од случај до случај. Дури кога ќе почне секој да го одронува својот дел, сето ова ќе почне да се руши. Со тоа што, на овој начин, во твојата револуција, и во решавањето на нашиот проблем, ти си ги запазил сите правила на земјата во која што сакаш да владееш. Си ги почитувал сите институции со кои утре треба да управуваш, а нам да ни служат.

На кратко, како што беа спремни папките со муабетите на новинарите, мене ми треба папка со сите документи, процедури и формулари што ми се потребни за Големо Курило да не види ни сантиметар нов асфалт.

Да речеме дека ова ќе го сфатите како добронамерна забелешка и барање.

Љупчо
п.с. Стварно кажете што може да правиме.

17 март 2015 - 12:11