Зошто средновековните Европјани биле опседнати со долги, шилести чевли?

Во 1463, Лондон ги забранува чевлите на неговите најфенси мажи. Овие дотеранки господа почнале да претеруваат во својата дотераност и по улица шетале во долгнавести чевли со форма на морков. Се викале „кракови“ или „пулени“ и кралот Едвард IV во еден момент толку многу се навредил од нивниот глуп изглед што донел цел закон да не смеат да се носат чевли чии врвови се подолги од 5 цм после прстите.

Ова е еден од најморонските и најфасцинантните трендови, веројатно прв пат виден во 1340 во Краков, Полска, како што пишува Ребека Шоукрос во нејзината книга „Чевли: Илустрирана историја“. Истовремено е главен експерт за чевли во Музеј и уметничка галерија Нортемптон, каде што најверојатно лежи најголемата колекција на чевли во светот - 12.000, меѓу кои и еден пар пулени.

Европа флертува со долгнавести обувки уште од 1200-те, но ова е сепак уникат. Господата, а и по некоја дама во 15-ти век носеле пулени над сто години и секој што можел да си дозволи чевли воопшто - ги носел. Сепак, подолгите врвови биле резервирани за благородништвото што уживало да се шета во чевли на кои и Шиљо може да им позавиди.

Како да не ги забраниш?

„Мажите кои имале статус и биле доволно богати, требало тоа да го покажат,“ вели Шоукрос, „А за да можеш да го изведеш тоа, чевлите треба да ти бидат екстремни.“ Апсурдно долги чевли биле скапи и очигледно го онеспособувале тој што ги носи ефикасно да учествува во било каков физички труд. На тој начин биле и индикатор дека имаш слободно време и луксуз, ослободен од непотребен напор или од тиранијата на практичноста.

(А чудно како денес предолгите нокти растат од два спротивни краја на спектарот.)

Повеќето пулени што се денес преживеани се направени од кожа, но средновековните европјани користеле секакви материјали. Горните ешалони на општеството на пример, користеле везен текстил, плиш и свила, а некои имале и рачно сликани или украсени со комплицирани дезени. Иако често се гледаат на уметнички слики, ваков пар не е преживеан до денес.

Уште поинтересно е што постојат, а средновековната мода се одликува со чисти линии и практичен минимализам, како што истакнува Шоукрос. Пулените бележат и период во кој мажите ги надминуваат жените во својот моден сјај и за ова, објаснувањето најверојатно лежи во тоа што доаѓаат веднаш откако чумата успева да убие 30 до 60 проценти од популацијата во Европа, што нѐ тера да се запрашаме…

Какви неподносливо глупи обувки нѐ чекаат откако ќе постигнеме имунитет од корона?

5 август 2020 - 00:00