Време е за токсичност и болење уво за сè

Никој не веруваше дека ќе дојде ваков предлог на толку ишкање на сè токсично, ама еве го: доаѓа ерата на „дивите“ девојки. И тоа не диви, како значењето од ’80-ти, демек „нескротливи“, туку буквално диво, од шума извадено, неисчешлано.

Изминативе две години ги владееше концепт на себеподобрување. Периодите кога седевме дома се нафуравме дека повторното излегување во јавност ќе биде како на дебитантски бал, па планиравме да излеземе позгодни, помудри, поубави, посредени психички и физички. Божем, возможно беше, како производ на сето тоа слободно време по дома. Дури имаше и хаштаг clean girl, како естетика, како личност што се чува, внимава, вежба, здраво се храни и слично.

Тешко тоа. Се срушија митовите и за „шефицата“ и за „средената“, а на сцена стапува нешто што ќе ви се види многу поблиско - неисчешлана дивјакуша од тие што идат по цигари во пижами. Затоа што - преку глава веќе од „чистиот“ маратон и натпревар меѓу себе кој поздраво смути ќе испие во 4 сабајле.

Да се биде таква, „чиста“, значи да се посвети животот на мејнстрим идеи за велнес. А бизарното е што нема крајна цел. Нема маратон за кој тренираш. Нема причина да станеш во 5 сабајле, освен што личи поефикасно. Притисокот да се биде таква е толку опресивен и толку досаден што неизбежно беше некој да се побуни. Затоа сега има хаштаг #feral.

Сега луѓето влегуваат во „ера на негативци“, позната и како „ера на вреќата со болви“, инспирирани од ужасно-феноменалниот лик на Фиби Волер Бриџ. Го отфрлаат притисокот да бидат „фини, чисти и продуктивни“ и влегуваат во Feral Girl Summer. Заедно со хаштагот, пораките се „Нормализирајте го чудното“, „Во ред е да се биде иритантен“ и главното „Биди слободен“.

„Идеалната жена по концепт е преработено (како убиено од работа), неорганско нешто што е направено да изгледа природно,“ пишува Џиа Толентино во 2019, истражувајќи ја измамата на женското себеподобрување во есејот „Секогаш оптимизирајте“, од нејзината книга Trick Mirror. „Наоѓањето начини да се биде подобра во бивањето жена е смешен и често аморален проект,“ додава таа. „Со секој нареден чекор сè повеќе станува стапица.“

На побуквално ниво, промената кон дивиот менталитет доаѓа во совршен момент. После бескрајната сива зима, вечерите стануваат поведри, се наѕираат фестивали и одмори, излегувања има сè повеќе, а постои една незапирлива желба да се каже дека цигарите се враќаат во мода. Летото на дивите доаѓа како противотров и антиклимакс на она што беше летото 2021.

Ова лето не бара часови поминати во теретана, или нарачки од кинески сајтови што те тераат да се чувствуваш директно виновен за климатската катастрофа. Нема генеричка естетика или листи на книги за самопомош, или грозни времиња за будење, или вежбање како за казнети. Дивите не пијат гадни, зелени смутиња. Дивото го има во сите нас и чека да биде ослободено, па пораката е: уживајте сега, а на собирање делови од себе мислете од септември.

15 април 2022 - 14:49