Сопругот не ти се прибира дома? Нема проблем, решението е средство за чистење

Пред да си речете „Хаха, демек да го трујам.“ - не. Сте чуле за Лајсол? На западниот свет му е гоу-ту средство за дезинфекција, како ние денес со Доместос, да речеме. И на времето маркетингот му бил наменет за жени чии што сопрузи не се прибираат дома, па се распаѓаат бракови - со предлог. Предлогот? Замиј се со Лајсол, ќе видиш како одма пак ќе те засака.

А бе, еј! Па, рекламите за кокаин и цигари да ти биле најмал проблем!

Прво, учиме историја за Лајсол - произведен е прв пат во Германија кон крајот на 19-ти век, а прво се користел како помош во епидемијата на колера и како обид да се спречи пандемијата на Шпанскиот грип во 1918. Ако ви звучи познато, не за џабе викаат дека историјата се повторува...

Наскоро, на една компанија што се вика Лен и Финк им текнува дека можат да се обратат на цел еден пазар составен од анксиозни (читај: изгњавени) жени, очајни да осигураат лојалност од страна на сопрузите и да понудат „женска чистота“ како начин да се заштити „брачната среќа“.

Се разбира, во тоа време, сите проблеми со кои жените се соочуват се „нивна вина“ и нешто што лесно може да се поправи со испирање со токсична течност! Во комбинација со интригантни реклами кои привлекуваат внимание на истиот ефикасен начин како романтичен холивудски, филмски постер, со гламурозни жени и драматични слогани, производот си наоѓа примена.

Се разбира, до 1911, пријавени се 193 труења со Лајсол и 5 смртни случаи поради „испирање на матка“. Дали се престанало со агресивно рекламирање на овој „нежен“ производ за таа намена?

Се разбира дека не.

А зошто и покрај повредите и смртните случаи, жените толку го сакале? Е па, прво, трагичните судбини на жртвите биле прикривани, а второ, можеби и уште поважно од „женската чистота“ во тоа време била - контрацепцијата. И за тоа го користеле.

Во тоа време, женските контрацептиви се нелегални, па многу компании што нуделе алтернативи биле дар од Господ. На винтиџ реклами на Лајсол, зборовите „женска хигиена“ биле мудро искористени наместо „контрацепција“, а една реклама дури тврди и дека „Лајсол го поминува круцијалниот тест на гермицид, бидејќи е ефикасен во присуство на органска материја“. Гермицид ви е тука еуфемизам за спермицид.

Од почетокот на векот, до ’50-тите, жените тврделе дека „секогаш користат Лајсол за испирање“, затоа што со таа агресивна кампања, некористење на Лајсол значело губење на избраниот човек за некоја друга што се „бања“ со Лајсол.

А што ако некоја жена прашала за валидноста на производот? Не постоеле сомнежи - со еден поглед на рекламната кампања, која обезбедува топла, сигурна слика од „лекар“, најчесто згоден, насмеан, маж, заедно со сведошства за ефектите, производот веднаш станувал „од доверба“.

Историчарката д-р Андреа Тон ја забележува истрагата од страна на Американската медицинска асоцијација на овие т.н. доктори во нејзината книга „Devices & Desires: A History of Contraceptives in America”. И замислете, докторите се измислени. Кој би рекол.

До средината на ’50-те, Лајсол ја менува формулата и престанува да се рекламира како производ за женска хигиена (ептен многу им дошле стотиците смртни случаи, не за друго, плус воспалелнија и хемиски изгореници). Отпрвин, многу од несреќните жени ги отпишувале како „со алергија на Лајсол“, а Лен и Финк ги криеле сите жалби, за кога во ’61-ва морале да одговорат на една многу јавна критика, рекле дека е „прва таква.“

Најдобриот дел од приказната е дека Лајсол драматично не успевал кога се работело за спречување бременост. Едно истражување на 507 жени, направено во 1933, кои користеле Лајсол за контрацепција покажало дека половина од нив сепак забремениле.

Сепак, доаѓаат прогресивните ’60-ти, па се легализира контрацепцијата, прво за мажени, па за сингл жени. Во1968, Лајсол почнува да се рекламира како средство за дезинфекција на домот, со реклами на телевизија што го прикажуваат како одличен за отстранување на бактерии од куќа.

И да се надеваме дека така ќе остане.

Има уште глупости:

извор

29 мај 2020 - 17:24