Што значи „Синдром на среќничка“ и зошто е штетен?

Нормално дека се работи за тренд на ТикТок.

Дали среќата, среќната ѕвезда е нешто со кое се раѓаш, или нешто што се постигнува со позитивно размислување? ТикТокерите се надеваат дека среќа може да се манифестира, само треба да веруваш дека си среќен, и само ќе си дојде.

Ова сега се вика the lucky girl syndrome и е тренд, и главно се работи за спиноф на „Тајната“ на Ронда Бирн и целата таа филозофија околу законот на привлечност, според кој самата мисла може да влијае на условите во животот. Или, поедноставно кажано, го привлекуваш тоа што го мислиш.

Позајмувајќи од таа логика, тие што се колнат во синдромот предлагаат да размислуваш колку имаш среќа, да си кажуваш и да веруваш, и така ќе си донесеш и среќа во животот.

Се разбира, критики фрштат на сите страни, бидејќи основата е тврдењето е дека секој може со ова да си донесе промена во животот. Јасно е дека не ова не важи кога ќе се земат предвид економските нееднаквости и разликите во привилегии во општеството. Кога ќе ни текне на ова, малку е без осет да се инсистира дека некој има проблеми затоа што „не верувал доволно“. Затоа и критичарите на трендот го нарекуваат ова „токсична позитивност.“

Сепак, ако повторување на „Сè ми успева“ и „Добри нешта ми се случуваат“ ви помага да надминете тежок период - слободно терајте. Можеби сепак ви е потребно само јачање на себе.

А ако сепак ви звучи глупо, има уште еден елемент во трендот, односно, идејата на „зголемување на хоризонтот на среќата“. Концептот овде е појасен и поиспробан: Колку повеќе нешта пушташ во движење, толку повеќе шанси имаш да ти се посреќи. На пример, ако вложуваш во повеќе вештини одеднаш, за некое време ќе ги имаш, а со тоа ќе добиеш и повеќе можности во животот.

Уште волја, и готово.

2 април 2024 - 00:00